Гласината вели Перез се повлекува од Формула 1 на трката во Мексико, од Ред бул демантираат

EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Повеќе медиуми објавија дека неофицијално се дознава оти Мексиканецот на крајот на месецов ќе соопшти за своето повлекување од Ф1

Интересна гласина кружи денеска сугерирајќи дека Серхио Перез ќе го напушти Ред бул по оваа сезона, па дури дека ќе го соопшти тоа на неговата домашна трка во Мексико на 29 октомври. Според Ред бул, во коментар даден за „гпблог“, тоа не е точно.

Гласината вели дека Перез ги известил Кристијан Хорнер и Хелмут Марко од Ред бул за својата одлука по трката во Јапонија. Од австрискиот тим демантираат: „Апсолутно не е точно. Тоа е измама“. Сепак, Марко во своја изјава навестува дека можеби има вистина.

– На Перез му треба атмосфера и промена на тимот. Да видиме како ќе се одвиваат следните две трки, но тимот и тој се свесни дека е криза – вели Марко.

Перез има договорот со Ред бул до 2024 година и како што стојат работите, прашање е дали 33-годишниот Мексиканец ќе биде тимски колега на Макс Верстапен и идната година.

Во исто време, Перез треба да се претстави подобро на преостанатите пет трки во 2023 година , во споредба со неговите настапи во Сингапур, Јапонија и Катар. Во тој блок од три трки (вклучувајќи ја и спринтерската трка на „Лосаил“), само пет поени освои возачот на Ред бул.

За споредба, неговиот клупски колега Макс Верстапен собра 69 поени во истиот болид.

Перез е во битка со Луис Хамилтон за второто место во шампионатот. Британскиот возач на Мерцедес има 30 бодови негатива во однос на Мексиканецот, а Фернандо Алонсо од Астон Мартин заостанува 41 поен. Затоа, Перез ќе мора да го притисне педалот за гас малку посилно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот