Фото: ГРК Охрид

Ѓукиќ: Одиме на победа и во Охрид и заедно со навивачите да славиме европски трофеј

Ракометарите на Охрид се поблиску до трофејот во ЕХФ Европскиот куп откако минимално со 29:28 триумфираа против екипата на Татабања во Унгарија.

Играчите предводени од тренерот Борис Ројевиќ можат да жалат што не извојуваа поубедлива победа, во текот на првиот дел имаа и предност од седум голови разлика.

Македонскиот претставник имаше високо водство и во текот на второто полувреме, во 48 минута на семафорот стоеше 25:19.

Во текот на мечот имаше доста исклучувања, вкупно 10 во редовите на ГРК Охрид, и тоа Унгарците го искористија, ја кренаа трибината на нозе со серија од 5:0, а потоа направија и целосен пресврт кога Родригез постигна гол за 28:27, и тоа само за прво водство на Татабања, на минута пред крајот.

Во самата завршница, ГРК Охрид се снајде подобро, Иванковиќ и Ѓукиќ постигнаа голови за минимален триумф.

Српското десно крило, Дарко Ѓукиќ, заедно со хрватскиот лев бек Анте Иванковиќ беа најефикасни со по седум головите за охридскиот клуб.

– Го дадовме максимумот на првиот натпревар против Татабања. На крајот остваривме минимална победа, некој да ни ја понудеше пред мечот, сигурно ќе ја прифатевме. Останува жал бидејќи имавме и шест-седум голови предност. Игравме одлична одбрана во првото полувреме, а во вториот дел мислам малку критериумот не беше на двете страни, но тоа е нормално, тие се домашна екипа, финале е. Ќе дадеме сè од себе, да победиме и на реваншот во Охрид и заедно со навивачите, кои дојдоа и тука, да ни ја дадат поддршката и да го освоиме трофејот, доколку даде Бог – рече Ѓукиќ по првиот меч со Татабања.

Реваншот ќе се игра на 31 мај од 20.00 часот во салата „Билјанини Извори“ пред полни трибини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот