Ѓоргоноски: Со настапот на ЕП да си го трасираме патот за СП 2027
Поранешниот македонски репрезентативец, денес двигател на проектот „Ракомет за секое дете“, но и ракометен аналитичар, зборува за шансите, можностите и очекувањата од настапот на црвено-жолтите на Европското првенство 2026 кое започнува денеска, но и за настанот воопшто
Вечерва од 18 часот официјално започнува 17. издание на Европското ракометно првенство, а до 1 февруари Данска, Шведска и Норвешка ќе бидат центарот на ракометните случувања на Стариот континент. Македонија 14-ти пат по ред ќе биде дел од големите натпреварувања, континуитет со кој ретко која нација може да се пофали.
Препорачано
Во пресрет на шампионатот разговаравме со Горан Ѓоргоноски, поранешен македонски репрезентативен пивот, а денес основач и двигател на проектот „Ракомет за секое дете“, кој ги сподели очекувањата од првенството, но и од настапот на македонската селекција.
🎙️СПорткаст ЕП10 | Ѓоргоноски: Должник сум му на ракометот за сè што ми даде
Според него, селекцијата на Данска, предводена од ракометниот виртуоз Матијас Гидсел и оваа зима е апсолутен фаворит за шампионската титула.
– Нема да кажам ништо ново ако кажам дека Данска е апсолутен фаворит, иако посакувам да не биде така. Данска е фаворит против 99 отсто од селекциите. Ако некој може да ги загрози во моментов, тоа се Шведска и Франција. Шведска, пред сѐ, затоа што се кодомаќини на првенството. Има уште шест до седум селекции кои можат да се надеваат на полуфинале. Зошто велам полуфинале? Затоа што кога ќе дојде полуфинале, тоа е еден натпревар, еден ден, ден на голман, ден на играч и сѐ може да се случи – смета Ѓоргоноски.
„Треба да навиваме за Германија“
Како селекција за која, според него, македонската јавност треба „тивко да навива“, ја издвојува Германија.
– Ако сме паметни како ракометна фела, треба да навиваме за Германија. Зошто? Затоа што Германија го држи ракометот на ова ниво. Германија има сериозна лига, инвестира многу пари, ракометот е сериозно популарен, полни сали и е пандан на НБА-лигата во кошарка. Затоа треба сите ние, потајно, да навиваме за Германија, затоа што е во наш интерес да биде на високо ниво. Се надевам дека Германија ќе игра полуфинале – нагласува поранешниот репрезентативец.
Меѓу селекциите што секогаш ги смета за незгодни, Ѓоргоноски ги издвојува Исланѓаните, но и Португалците како потенцијално најголемо изненадување.
– Јас секогаш сакам да ги гледам Исланѓаните. Многу незгодна селекција, а и се доста здрави. Тоа е многу важно за нив, бидејќи знаеме во какви лиги играат, знаеме колку натпревари играат. Смарасон е тука, Јонсон го добија како феноменален одбранбен играч, нема потреба да ги споменувам Кристијансон и Магнусон – тоа се светски играчи кои со години наназад владеат со ракометот. Португалија изгледа многу сериозно, тоа е селекција која може да изненади, минатата година играа во полуфиналето на Светското првенство. Не очекувам големи изненадувања, ракометот не трпи големи изненадувања, освен ако некој не е домаќин, како Хрватска минатата година и Србија во 2012 година. Изненадување би сакал да биде Германија, тоа е селекција која во иднина ќе прави големи резултати. Сакам да играат финале со Данска – оценува Ѓоргоноски.
„Ја разгаливме нацијата со континуитетот“
Кога станува збор за Македонија, според Ѓоргоноски, нацијата е „разгалена“ со континуитетот на големи натпреварувања, па фокусот веќе не е дали сме таму, туку како ќе се претставиме.
– Со 15-годишниот континуитет на големите натпреварувања сериозно ја разгаливме нацијата и веќе не зборуваме дали Македонија е на Европско и Светско првенство, туку како Македонија се претставила на голема сцена. Меѓу она што ние го сакаме и реалноста, прашање е колку можеме. Неспортски е да не размислуваме дека можеме да играме со Португалија. Првиот натпревар со Данска треба да го искористиме паметно. Да дадеме шанса на Галевски, Ристевски, да пробаме тактички нешто, Митев да добие едно полувреме плус, бидејќи очигледно му недостасуваат натпревари, и најважно – да останеме здрави. Треба да уживаат ракометарите, да видиме колку може пивотот Ристевски, да видиме дали може да му веруваме на Галевски, роден 2004 година. Во други држави на таа генерација Шпат и Халгримсон носат поголеми селекции од нас – анализира тој.
„Португалија може да биде замка“
Според Ѓоргоноски, селекторот Лазаров и неговите пулени треба да се фокусираат на натпреварот со Португалија.
– Тој натпревар со Португалија може да биде голема замка. По тој натпревар ни следи Романија, која е многу важно да ја добиеме, иако сите ја земаме здраво за готово. Романија е голема земја, земја со традиција, која во последните 15 години не била присутна како нас на големите натпреварувања. Нè импресионираше на подготвителните натпревари, но од друга страна не можеме да ја измериме нејзината силина. Не треба да се разочаруваме ако загубиме од Португалија, бидејќи сепак тоа е селекција која е во ТОП 8 во светот, иако не е звучна. Македонија е меѓу желбите и реалноста. Треба да пробаме со Португалија да дадеме сѐ од себе и да пробаме да ја изненадиме. Португалија треба да ја добиеме на нашата половина, и одбраната и голманите. Очекувам Митревски да стартува со Португалија, бидејќи ги познава, и очекувам да имаме поддршка. Колку зоната, во каков облик и во каква формација ќе биде, ќе биде клучно за овој натпревар. Ако ги доведеме Португалците до ситуација да грешат и овозможиме транзиција, да не дозволиме да прават измени. Нивната бековска линија или не сака да игра одбрана или не знае да игра одбрана. Затоа нашата шанса е да даваме лесни голови, затоа што на поставена одбрана тешко ќе пријдеме до нивниот гол. Доколку не им дозволиме да прават измени, да не влезе нивниот најдобар одбранбен играч Салвадор Салвадор, да го истрошиме Итуриза, да има многу исклучувања, можеме да се надеваме на егал-натпревар. Ќе биде важно да бидеме во егал до средината на второто полувреме, потоа сѐ е отворено. Ним нема да им биде сеедно, ќе бидат нервозни, а кај нас ќе се подигне самодовербата. Шансите постојат, не се големи, треба да се поклопат коцките. Од тој натпревар ни зависи сѐ останато. Со позитивен резултат, на многу поинаков начин ќе настапиме со Романија и затоа целиот акцент го ставам на Португалија – појаснува Ѓоргоноски.
„Се случуваат и чуда“
Како успех за Македонија, тој го гледа пласманот во подобар барабан за квалификациите за Светското првенство.
– Успешен настап за Македонија е да се најдеме во подобар барабан за квалификациите за Светското првенство. Сѐ што е над тоа е мало чудо. Вклучувајќи и добар резултат со Португалија, но чуда се случуваат, затоа е и спортот. Јас верувам дека можеме да одиграме. Имаме репрезентација која веќе има зад себе три-четири големи натпреварувања, формирана е. Добар барабан, добар бараж, за да можеме да зборуваме и наредна година за ракомет – потенцира тој.
На индивидуален план, Ѓоргоноски очекува во македонскиот состав да блеснат младите Самоил Ристевски и Иван Галевски.
– Јас би сакал на долги патеки да ги добиеме Самоил Ристевски и Иван Галевски. Се надевам дека Марко Митев ќе нѐ изненади сите, не во однос на тоа што го правеше минатите години, туку во состојбата во која се наоѓа. Митев е многу важен за нашиот напад, за жал не е тој што сакаме да го видиме, и се надевам дека ќе биде изненадување, покрај Ристевски и Галевски, кои се вонсериски таленти, играчи кои претендираат да бидат европски, играчи какви што ретко имаме како материјал – заклучува Ѓоргоноски.
Идеален тим на ЕП според Ѓоргоноски

Голман: Андреас Нилсен (Данска)
Лево крило: Бјарки Марк Елисон (Исланд)
Десно крило: Марио Шоштариќ (Хрватска)
Лев бек: Јулиен Кештер (Германија)
Среден бек: Феликс Клар (Шведска)
Десен бек: Кико Кошта (Португалија)
Пивот: Лудовик Фабрегас (Франција)
МВП: Јури Кнор (Германија)
Дефанзивец: Елвар Јонсон (Исланд)
ВИДЕОАНКЕТА: Што очекувате од ракометната репрезентација на Европското првенство?


