Ѓорѓиевски: Затвореници биле на платниот список и земале пари од „Комунална хигиена“
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски изјави дека Финансиската полиција веќе започнала да го разгледува работењето во ЈП „Комунална хигиена“, за кое Ѓорѓиевски обвини дека имало низа злоупотреба од околу 300 милиони евра и дека на платниот список на претпријатието биле и луѓе кои се наоѓаат во куќен притвор и затвореници.
Препорачано
„Тоа се лица кои што со месеци, некои со години не оделе на работа а земале плата, има таму лица, еве во интерес на истрагата не можам во детали да зборувам, кои што дури се наоѓаат во куќен притвор или се затвореници. Замислете, а земале плата од Градот Скопје. Има под интелектуални услуги активирано камиони со астрономски суми исплата на физички лица кои што работеле наводно за „Комунална хигиена““, порача Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски рече дека и самиот тој имал средба со Финансиска полиција и дека покрај исплата на плати на лица кои воопшто не се појавувале на работа има и други злоупотреби, а тој потенцираше дека одговорноста може да води и до директорите на прептријатието, како и Градот Скопје.
„Тука треба да има и командна одговорност, значи и оној кој го потпишувал тоа, како и директорот кој тоа го одобрувал, рече Ѓорѓиевски.
Исто така, поранешната градоначалничка Данела Арсовска вчера го обвини Ѓорѓиевски дека лаже и го повика да ги објави со име и презиме сите 500 вработени за кои тврди дека не оделе на работа, на што Ѓорѓиевски одговори дека немал проблем да ги објави, а за повикот на Данела јавно да се соочат за овој проблем, тој рече дека таа треба да комуницира со други институции, а не со него.


