Зонско паркирање - Градски паркинг / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ѓорѓиевски со зонско и монтажни гаражи ќе ги решава хаотичните точки за паркирање низ Скопје

Освен што ќе се прошири на нови простори во Аеродром и Карпош, Град Скопје планира да воведе зонско паркирање и во делови од уште четири општини – Гази Баба, Кисела Вода, Чаир и Сарај.

Градските власти имаат намера да воведат зонско паркирање во сите урбани делови на Скопје за да се намали проблемот што од година во година сѐ повеќе ескалира. Недостигот на слободни паркинг-места низ градот резултира со секојдневни нервози на граѓаните што не можат раат да се вратат дома од работа, а секое попладневно поместување на возилото, значи дека потоа половина час ќе вртат по уличките во населбата во која живеат во потрага по паркинг-место.

Поради актуелната состојба во која расте бројот на сопственици на возила, но не и на паркинг-места, поради неисполнетите најави и ветувања на локалните власти за изградба на монтажни и катни гаражи, цели населби низ градот станаа населби со „рампи“. Ова е најзабележливо во општините Карпош и во Аеродром, каде што со рампи, честопати поставени на пристапни улички, односно на јавен простор, жителите од постарите згради што немаат подземни гаражи, се обидуваат да си обезбедат паркиралишта и да се заштитат од „узурпацијата“ на новодојдените жители во новите згради, кои имаат гаражен простор што многу често не одговара на нивните потреби.

И додека соседите се расправаат и се во постојана трка кој побрзо ќе стигне до слободно паркинг-место, локалните власти не прават речиси ништо за да им овозможат нормално функционирање на своите жители.

Паркинзи нема, пајаците „растураат“, општините само ветуваат решение

Сега, актуелното градско раководство тврди дека со овој проблем ќе се занимава во наредниот период.

-Освен што ќе дејствуваме преку ГУП во регулирање на урбанистичкиот хаос во Скопје, треба да дејствуваме и во друга насока, а тоа е зонско паркирање во сите урбани средини. Јас живеам во Расадник во Кисела Вода и, за жал, за 4 години не успеав да спроведам зонско паркирање затоа што немаше слух од Град Скопје, не ги прифаќаше иницијативите, но над 90 проценти од жителите таму бараат зонско паркирање. Такви позиции имаме и во Аеродром, во Центар, Во Карпош, во Чаир и во другите општини – истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на последната седница на Советот на Град Скопје.

Но, според него, некогаш граѓаните се прекомотни кога е во прашање користењето на јавниот простор и затоа мора да се воспостави ред.

 Комодитетот што им се остава на располагање на граѓаните, понекогаш значи дека одредено хаварисано возило стои 20 години на одреден паркинг, а такви има стотици во главниот град. Домаќинства имаат по четири, шест, па и десет возила. На многу од паркинзите, на пример тоа е случај во Кисела Вода, има автоплацеви, а бидејќи немаме регулиран статус и немаме зонско паркирање, им се дозволува на луѓето да ги користат местата што треба да ги користат граѓаните што немаат свое гаражно место. Тоа значи дека во овој дел ќе делуваме во наредниот период и верувам дека значително ќе ја подобриме состојбата околу паркирањето – тврди градоначалникот.

Тешко до паркинг-место во Ново Лисиче и Реонски центар, од Општината молчат зошто уште нема зонско

Во развојниот план за одржување, изведба и стопанисување на јавните паркинг-простори на подрачјето на град Скопје за периодот од 2026 до 2028 година, е наведено дека Градот планира да воведе зонско паркирање во повеќе општини.

Освен во Аеродром каде што зонско ќе има во Реонски Центар, Ново Лисиче и Мичурин и во Карпош кај Министерство за економија, Млечен ресторан, Карпош 3, Карпош 4, Нерези и Влае, се планира проширување и во Гази Баба, Кисела Вода, Чаир и Сарај. Со зонско во Гази Баба ќе биде опфатена Автокоманда, реонот кај општинските бараки и парк-шумата Гази Баба. Ваков вид регулирано паркирање во Кисела Вода се планира во населбите Расадник, 11 Октомври, Кисела Вода и Цветан Димов, потоа кај комплексот „Чаирчанка“ во Чаир, како и во Спортско-рекреативниот центар „Сарај“ и на Матка во општината Сарај.

Покрај воведување зонско паркирање, Градот предвидува и поставување монтажни гаражи онаму каде што тоа го дозволува просторот или на веќе постојните паркиралишта за да се зголеми, како што велат, бројот на места за паркирање без дополнително оптоварување на јавниот простор.

Во општина Аеродром во населбите Ново Лисиче, Јане Сандански и Мичурин, потребата од паркинг-места одамна го надминала капацитетот на постојната инфраструктура, затоа предвидено е поставување монтажно-демонтажни катни гаражи, како и во Општина Чаир кај ТЦ „Чаирчанка“, Општина Центар (Капиштец, под Кале), а со изградбата на монтажно-демонтажни катни гаражи во Општина Карпош кај „Трите убавици“ и Лептокарија, би се добило ефикасно и брзо решение за долгогодишниот проблем со паркирањето во овие урбани зони. Со изградба на монтажно-демонтажен паркинг на туристичко-излетничкото место локалитет „Матка“ би се подобрило паркирањето на домашни и странски посетители, со што би се создале предуслови за одржлив развој на туризмот – се наведува во развојниот план.

Предвидена е и изградба на катни гаражи во соработка со Општина Центар на просторот зад ТЦ „Буњаковец“, на местото на постојниот монтажен паркинг и дотраени бараки, како и на поранешното ракометно игралиште „Пролет“ во Кисела Вода.

Ни трага ни глас од зонскиот паркинг во Автокоманда

Град Скопје ветува и дека ќе го унапреди системот со управување на јавните површини наменети за паркирање.

Со поставување читачи на регистарски ознаки, кои ќе се постават на влезно-излезните терминали на „затворени“ јавни паркиралишта, се планира подобрување на проточноста на влезно-излезните терминали и подобрување на ефикасноста со управување на самите паркиралишта, а со самото тоа ќе се овозможи поголема флуктуација на паркинг-места и достапност за повеќе корисници – планираат во Градот.

Предвидено е и да започне инвестирање во имплементирање паметни решенија на паркирање, кои би овозможиле да се намали метежот во сообраќајот при барање слободно паркинг-место низ улиците и да се намали загадувањето. Притоа би се имало и реален онлајн увид во слободните паркинг-места и нивната локација и би се знаело точно колку возила се наоѓаат на паркиралиштето во точно определен момент.

Сето ова треба да се спроведе до крајот на 2028 година, но со оглед на тоа дека повеќе од зонското во Ново Лисиче и Реонски центар се најавува уште од пред две години кога градоначалник на општината беше Тимчо Муцунски, речиси е неверојатно дека за три години ќе се воведе на сите предвидени локации во планот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот