Ни трага ни глас од зонскиот паркинг во Автокоманда
Од Општина Гази Баба воопшто не одговараат околу деталите на овој проект и датумот до кога се очекува да биде имплементиран, оставајќи ги граѓаните од населбата со нерешен, а можеби и нерешлив проблем со паркирањето
Поминаа речиси три месеци откако градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, најави трајно решавање на паркинг-хаосот во Автокоманда како еден од најголемите проблеми на жителите, но улиците во оваа скопска населба сѐ уште се пренатрупани со возила, како и тротоарите, каде луѓето поради отсуството на простор по улиците, автомобилите ги паркираат пред своите влезови.
Препорачано

Стефковски ја најави одлуката за воведување зонски паркинг во Автокоманда на 8 октомври, десет дена пред крајот на кампањата за локалните избори што се одржаа на 19 октомври минатата година, на кои тој по вторпат последователно го доби градоначалничкиот мандат со убедлива победа уште во првиот круг.
– Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда! Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија. Во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок -рече тогаш Стефковски.
Сепак, на фотографијата од добиеното решение со која Стефковски се пофали дека ќе започне реформирање на паркиралиштата во Автокоманда може да се забележи дека Градот Скопје и Министерството за внатрешни работи како надлежни институции својата обврска ја завршиле многу порано и го одобриле почетокот на овој проект уште на 8 август, но од Општина Гази Баба за „Слободен печат“ не одговорија зошто градоначалникот чекал цели два месеци за дури на 8 октомври да им го најави на жителите.
Град Скопје согласно Законот за локална самоуправа и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата на 17 јуни поднесе барање до Министерството за внатрешни работи, СВР-Скопје, Единица за безбедност на патниот сообраќај при што на 30 август доби одговор на барањето со кој Министерството издаде согласност трајно да се утврди режимот на сообраќај на постојна состојба на уличната мрежа во населбата Автокоманда, се вели во Решението.
Според градоначалникот, со зонскиот паркинг секое домаќинство во Автокоманда треба да добие две бесплатни картички за жителите, но од Општината повторно, како и претходната година, не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ колку ќр ср наплатува за паркирање од час за нерезиденти, ниту пак кои и колку паркинзи ќе бидат зонски регулирани.
– Од особена важност е тоа што секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање, со што се обезбедува правична распределба и приоритет за жителите. Ова не е изолиран чекор, туку дел од поширока и стратешка политика која ја водиме со јасна цел – системско решавање на секојдневните проблеми на граѓаните со фокус на урбанистички и сообраќајни решенија, подобрување на инфраструктурата, поголема безбедност и ред во јавниот простор – соопшти Стефковски пред три месеци.
Со зонско паркирање ќе се решава проблемот со недостиг на паркинг места во Автокоманда
Жителите на Автокоманда велат дека од аспект на регулирање на паркирањето и сообраќајна заштита, од Општината во предизборието само на неколку тротари во населбата поставила столпчиња за да се спречи паркирање по пешачките патеки, додека пак на улицата „Лазар поп Трајков“ кај основното училиште „Стив Наумов“ се поставени светкачи на пешачкиот премин за безбедно минување на учениците. Во врска со зонското паркирање, жителите тврдат дека досега не виделе ниту „прст да се мрдне“ на оваа тема, посочувајќи дека работите се непроменети и се зголемуваат дивите паркиралишта.
– Поставија столбови на неколку тротоари, но не на сите, останатите се уште се узурпирани од паркирани возила бидејќи жителите немаат каде да ги паркираат. Исто така кај училиштето „Стив Наумов“ поставија светкачи за безбедно минување на пешаците, но процесот за поставување на зонски паркиралишта според тоа што можеме да го видиме секој ден се уште не е започнат – вели жител за „Слободен печат“.
Од Општина Гази Баба воопшто не одговараат на нашите прашања околу деталите на овој проект и датумот до кога се очекува да биде имплементиран, оставајќи ги граѓаните од населбата со нерешен, а можеби и нерешлив проблем со паркирањето. Исто така, со игнорирањето од страна на локалната самоуправа околу рокот и реализацијата на овој важен проект, жителите се прашуваат дали воопшто Автокоманда ќе добие зонски паркинг или пак тоа беа само класични предизборни ветувања.


