Доделување на Уверение за избор на градоначалник на Град Скопје / Фото: „Слободен печат“ - Слободан Ѓуриќ

Ѓорѓиевски го доби Уверението за избор на градоначалник на Скопје, вечерва почнува „чистката“ на градот

По врачувањето на Уверението, Ѓорѓиевски информираше дека официјалното примопредавање на градоначалничкиот мандат од Данела Арсовска ќе се одржи попладне во 15 часот и истакна дека вечерва во 20 часот започнува 72-часовната чистка од пред спортската сала при СЦ „Борис Трајковски“

Новоизбраниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска официјално го доби Уверението од Државната изборна комисија и најави дека вечерва започнува со чистењето на Скопје. Притоа, како што информираше, официјалното преземање на градоначалничкиот мандат од Данела Арсовска ќе се одржи попладне во 15 часот.

Доделување на Уверение за избор на градоначалник на Град Скопје / Фото: „Слободен печат“ – Слободан Ѓуриќ

Официјално го добив Уверението за избор на Град Скопје и очекувам дека во 15 часот ќе направам и официјално примопредавање на градоначалничкиот мандат,  изјави тој.

Вечерва почнува 72-часовното чистење на Скопје

По врачувањето на Уверението, Ѓорѓиевски истакна дека вечерва во 20 часот започнува 72-часовното чистење на Скопје.

Останувам на тоа што  им го ветивме на граѓаните  во предизборната кампања, првата активност почнува денеска, некаде околу 20 часот пред салата „Борис Трајковски“ ќе бидат подготвени екипите за да започне целосното чистење на Скопје во наредните 72 часа. Веќе од утрешниот ден ќе започнеме активности кои се поврзани со реорганизација на градските претпријатија, со нормализирање на градскиот транспорт и состојбата со ЈСП-Скопје, како и со првите проекти од нашата програма.  Стапив во контакт со дел од вработените од „Комунална“, кои информираа дека состојбата е очекувано лоша како што беше познато од јавноста и дознав дека во моментот тие на располагање имаат 16 оперативни возила, а до вечерва во функција ќе бидат ставени околу 40 возила, информираше новиот градоначалник на Скопје.

Орце Ѓорѓиевски по добивањето на Уверението за избор на градоначалник на Град Скопје / Фото: „Слободен печат“ – Слободан Ѓуриќ

Ѓорѓиевски: ЈСП е во колапс, утре ќе се сретнам со приватните превозници

Во однос на јавниот транспорт, тој информираше дека ќе следи ревизија на работата на ЈСП-Скопје и додаде дека утре ќе има средба со приватните превозници по која очекува во функција на граѓаните да бидат ставени околу 60 автобуси.

Веќе разговаравме со дел од стручните служби на ЈСП-Скопје, но тука не го вбројувам директорот и моменталното раководство на претпријатието, бидејќи нивниот капацитет изминатите месеци беше деструктивен за претпријатието. Дополнително ќе бидат итно преземени чекори во насока на адаптирање на сите  автобуси кои со месеци се неисправни, а утре ќе се сретнам со приватните превозници по што очекувам некаде околу 60-тина автобуси да бидат пуштени во оптек што во прв момент ќе го нормализира градскиот транспорт за сите скопјани со почетокот на зимата, додаде Ѓорѓиевски.

Орце Ѓорѓиевски заедно со советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје / Фото: „Слободен печат“ – Слободан Ѓуриќ

Официјалното предавање на градоначалничкиот мандат помеѓу Данела Арсовска и Орце Ѓорѓиевски е предвидено да се изврши денеска околу 15 часот, а новиот градоначалник најави дека во блиска иднина ќе ги покани неговите противкандидати од локалните избори на состанок за споделување на нивните идеи за Скопје, со кои, како што вели, доколку Скопје и најмалку би се подобрило, тој ќе ги имплементира во неговата програма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот