Кевин Спејси и Харви Вејнстен / Фото: EPA

Ги очекуваат ригорoзни казни: Месецов ќе им се суди на сексуалните злосторници Спејси и Вејнстејн

Пред пет години, новинарите на „Њујорк тајмс“ Џоди Кантор и Меган Тјухи ја објавија својата истражувачка сторија за филмскиот продуцент Харви Вејнстејн и неговото, наводно, прикривање на децениското сексуално вознемирување на млади девојки. Во месеците и годините што следеа, се појавија нови жртви и сведоци, а целиот процес сѐ уште трае.

Месецов, ќе му се суди на обесчестениот филмски продуцент, но и на актерот Кевин Спејси и режисерите Пол Хагис и Дени Мастерсон, за нивните сексуални злосторства што излегоа на виделина.

Судењето на Кевин Спејси започнува во четврток пред федералниот суд во Њујорк. Актерот Ентони Рап го обвини дека сексуално го нападнал во домот на Спејси во 1986 година, кога Рап имал само 14 години. Актерот од „Рент“ и „Ѕвездени патеки“ беше првиот што поднесе обвинение против Спејси во 2017 година, барајќи 40 милиони долари, што беше првпат Спејси да се соочи со порота откако повеќе мажи го обвинија за несоодветно однесување.

Поединци на социјалните мрежи дури повикуваат на телевизиски пренос на судењето на Спејси.

Понатамошните обвиненија против Спејси резултираа со кривична постапка во Обединетото Кралство, каде тој се изјасни за невин ова лето и се соочува со второ судење следниот јуни. Во меѓувреме, беше отпуштен и од популарната серија „Кула од карти“ на Нетфликс. Летово, судијата го потврди барањето од 31 милион долари на продуцентот на „Кула од карти“ за трошоците за неговото заминување од серијата на Нетфликс.

Кога станува збор за Вејнстејн, следната среда во Лос Анџелес започнува процесот на избор на поротата за второто кривично судење на озлогласениот продуцент. Вејнстејн беше осуден за силување од трет степен и криминално сексуално однесување од прв степен во Њујорк во 2020 година. Кривичниот случај во Лос Анџелес, кој се очекува да трае шест недели или повеќе, вклучува 11 дополнителни кривични дела против него, вклучително и сексуален напад на пет жени помеѓу 2004 и 2013 година. Доколку биде осуден по сите точки, му се заканува затворска казна до 140 години.

Харви Вејнстејн на судење / Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Во меѓувреме, Мастерсон се соочува со кривична пријава во истиот суд во центарот на Лос Анџелес.

Имено, три жени тврдат дека ја запознале ѕвездата од серијата „Луди седумдесетти“ преку скиентолошката црква и признаваат дека биле злоставувани на почетокот на новиот милениум. На Мастерсон му се заканува можна казна од 45 години до доживотен затвор доколку биде прогласен за виновен во судењето кое може да трае и до еден месец.

Адвокатите кои го застапуваат Мастерсон, истакнат скиентолог, се обидоа да ја задржат скиентолошката црква и нејзиното влијание надвор од неговото судење.

Дени Мастерсон на судење / Фото: EPA-EFE/LUCY NICHOLSON/ POOL

Сепак, режисерот Пол Хагис успешно апелираше улогата на скиентологијата да биде вклучена во неговото судење бидејќи поранешниот скиентолог тврди дека бил жртва на оцрнувачка кампања од страна на црквата што ја напуштил и подоцна јавно ја осуди.

Режисерот, добитник на Оскар, првично беше обвинет за сексуален напад во граѓанска тужба поднесена од публицистот Хали Брест во 2017 година, а случајот беше одложен поради избувнувањето на пандемијата.

Оттогаш, уште четири жени се појавија со обвиненија, вклучувајќи три кои ја поддржуваат тужбата на Брест и една британска државјанка која го обвини Хагис дека ја силувал во јуни за време на филмски фестивал во Италија.

Пол Хагис на судење во Италија / Фото: EPA-EFE/Danilo Santoro

ВИДЕО | „Тој е идиот“: Брутален филм открива шокантни детали за принцот Ендру

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот