Ги нема со месеци и години – само солзи и чемер во семејствата на 93 исчезнати сограѓани

Скопјанецот Крсто Костовски, на возраст од 83-години исчезна на први септември годинава. Марија Брзакова (29 години) исчезна на 18 јануари годинава во струмичкото село Босилово. Велешанката Ицана Арсоска (56 години) исчезна на 22 март пред осум години. Ангел Стојанов (33 години) е исчезнат на седми март 2012 година.

Ова се само неколку од низата имиња на наши сограѓани од различен пол, етникум и вероисповед за кои ниту најблиските, а ниту истражните органи не знаат каде се. Дел од нив биле видени од најблиските како излегуваат од дома, а дел не биле видени од никој дента кога исчезнале.

За нивните најблиски секое ѕвонење на вратата или на телефон е абер за добра вест. Се надеваат дека ќе слушнат оти нивниот најблизок конечно ќе си дојде дома. За нивните најблиски секој изминат ден е нова тага. Деновите минуваат, а за семејствата на исчезнати останува неодговорено прашањето зошто ги снема?

МВР во моментов трага по 93 лица, ова се само некои од нив/ Фото: МВР

Токму за ова прашање немаат одговор ниту надлежните, тие од МВР од Одделот за потрагите. Од МВР велат дека секоја истрага, но и потрага по исчезнатиот е активна сѐ додека личноста жива или почината не се пронајде. За истражителите случај сам по себе е различен.

– Од први јануари 2010 година, па се до први овој месец на територијата на Македонија за исчезнати се пријавени 1.430 лица од различен пол и возраст. Пронајдени се 1.337 лица. За жал немаме информација за 93 исчезнати. По нив сѐ уште се трага – велат од МВР.

Меѓу нив е и најмалиот исчезнат државјанин на Македонија,15-месечната Елиф Фејзулаху од скопското село Стајковци. Елиф Фејзулаху не исчезна деновиве. Таа исчезна во страотната поплава која го зафати скопскиот регион на 9 август 2016 година. Водата се повлече, земјата се исуши, куќите се обновија, нивите околу Стајковци се раскопаа, ама трага од Елиф еве веќе четврта година нема.

Првото официјално исчезнување се случило среде бел ден во далечната 1987 година во близина на Олимпискиот базен во центарот на Скопје. Мистериозно го снема петгодишниот Амет Алкан. Не бил сам. Бил со другарче. Детето со кое бил Амет, по извесно време е најдено живо, а од тој ден никој не знае каде е Амет.

На 24 декември 1989 година, деветгодишната Билјана Србиновска во попладневните часови излегува од играорното друштво „Танец“ и по булеварот Илинденска тргнува кон дома, кај Технолошкиот факултет во Скопје, но таму никогаш не стасала. Некаде попатно девојчето мистериозно исчезнува, за да биде пронајдена мртва неколку недели подоцна. Телото на малата Билјана е пронајдено на 27 јануари 1990 година во атарот на скопското село Бразда. Се трагало по села на падините на Скопска Црна Гора, сѐ додека дечко и девојка не ја алармираат милицијата дека во новобетонирана шахта во скопското село Бразда имало нешто што личело на човечки труп. За брзо време се утврдува дека тоа е малата Билјана. Некој врз ова дете садистички се изживувал со недели. До ден денес кој ја киднапираше и зошто ја ликвидира не се дозна.

Потрагата трае по малата Љунтурије Исени од скопско Трубарево. Ја нема повеќе од 10 години, а кога исчезнала имала само пет.

Субај Шакири од Крушопек, скопско, го нема од март 2002 година. Слична судбина имаат и Митат Ибраими, Дане Мемеди и Мирсада Хелдовиќ тие исчезнуваат во 2010 година, а сè уште не се пронајдени. По нив сè уште се трага преку распишана меѓународна објава. Тие се исчезнати од местата каде што живееле.

Исчезнати деца: Елиф Фејзула, Мирсада Хелдовиќ, Митат Ибраими и Дане Мемеди/ Фото: МВР

За исчезнат во евиденцијата на МВР се води Џеладини Ренат, кој дента кога исчезнува има само 17 години.

Во 2010 година најмистериозно исчезнува шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска од прилепското село Дуње. Дел од нејзините останки по извесен период беа најдени во атарот на селот Пештани, кое е на само неколку километри од Дуње. Малата Ангела исчезна во јули таа година. Ангела Ѓорѓиоска исчезна откако од куќата на нејзините роднини во селото Дуње сама заминала кон дома. Трагата и се губи на половина пат. Никој ден денес не дозна како исчезна ова дете.

Како одминуваат месеците и годините, така до истражителите пристигнуваат се помалку информации или нечии сознанија за исчезнатите. За роднините и најблиските на исчезнатите пак, останува грутката тага во душата по најблискиот кој излегол од дома и до ден денес не се вратил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот