Фото: Pix4free

Германски научници пронајдоа антитело за ХИВ-вирусот

Пред почетокот на Европската конференција за СИДА, во Келн е откриено ново антитело против вирусот ХИВ. Во лабораторија, тоа покажа способност да спречи инфекции и да го неутрализира вирусот. Нова надеж во борбата против СИДА?

Од 1981 година, кога болеста стана позната, СИДА-та одзеде 44 милиони животи ширум светот. Таа се смета за една од најтешките епидемии во историјата на човештвото. Иако бројот на смртни случаи со текот на времето се намали, благодарение на едукацијата и превентивните мерки, луѓето и понатаму умираат од последиците на оваа болест. Во текот на 2024 година, од СИДА во светот починале околу 630.000 луѓе.

Поради тоа, откритието на Универзитетската клиника во Келн буди нова надеж дека може да претставува уште едно оружје во борбата против оваа болест.

Тестирани се повеќе од 800 антитела против ХИВ

Истражувачкиот тим предводен од Флоријан Клајн, директор на Институтот за вирусологија, ги проучувал примероците на крв од 32 лица. Сите тие се заразени со ХИВ, но самостојно – без терапија – развиле силен и широко делотворен имунолошки одговор преку антитела против вирусот.

Научниците во лабораторија тестирале повеќе од 800 различни антитела од тие примероци, испитувајќи ја нивната способност да го неутрализираат ХИВ вирусот. Едно од нив, со ознака 04_A06, се издвоило посебно. Ова антитело го блокира местото преку кое вирусот се врзува за клетките на домаќинот при инфекција. На тој начин го спречува влегувањето на вирусот во клетката. Кога вирусот ќе влезе во клетката, тој ги презема нејзините функции и ја користи за свое размножување, со што долгорочно го ослабува имунолошкиот систем.

Планот за производство на антитела се наоѓа во човечкиот имунолошки систем – во Б-лимфоцитите. Кога овие лимфоцити ќе дојдат во контакт со патогени, тие созреваат во плазма-клетки што создаваат големи количини антитела – меѓу нив и 04_A06. Истражувачите го дешифрирале генетскиот план за неговото создавање и успеале да го репродуцираат.

„Тоа значи дека повеќе не е потребно да се зема крв од пациенти,туку овој генетски план може да се вметне во друга клетка и да ѝ се каже: произведи го овој протеин – односно ова антитело“.

Антителото 04_A06 – за терапија и превенција на ХИВ

Во експерименти на глувци кои содржеле компоненти од човечкиот имунолошки систем и биле заразени со ХИВ, антителото 04_A06 успеало целосно да ги неутрализира поголемиот дел од ХИВ вирусите. Истражувачите спровеле тестови на околу 340 различни варијанти на ХИВ, вклучувајќи и оние што веќе биле отпорни на други антитела.

„Вирусите се многу разновидни, и тоа е причината зошто ХИВ е толку тешко да се излечи – бидејќи постои голема генетска разновидност меѓу вирусите“, објаснува Клајн. Новооткриеното антитело, сепак, успеало да неутрализира 98 проценти од тестираните варијанти.

Значи, 04_A06 би можел да им помогне на луѓето кои веќе се заразени со ХИВ, бидејќи му оневозможува на вирусот пристап до клетката. „Се врзува за рецепторот на вирусот, го блокира и така спречува да ја зарази целната клетка“.

Освен тоа, вирусите што се „означени“ со антитела, полесно се препознаваат и уништуваат од имунолошкиот систем.
Ова антитело може да се користи и превентивно, за да се спречи ХИВ инфекција: „Ако антителото веќе постои во телото, вирусот што ќе влезе веднаш се запира пред да успее да ја зарази клетката“.

Сè уште не постои вакцина против ХИВ

Новото антитело би можело да делува како т.н. пасивна имунизација. Спротивно од тоа, активната имунизација подразбира вакцина која му овозможува на телото само да произведува антитела – но таква вакцина сè уште не постои.

Постојат истражувања со mRNA вакцина, која треба да го поттикне имунолошкиот систем да реагира на одреден протеин од обвивката на ХИВ вирусот. Сепак, досега овој пристап е тестиран само на една варијанта на вирусот.

Во моментов различни лекови во форма на таблети или инјекции се користат за третман против ХИВ инфекции, и тоа со голем успех. Сепак, таблетите најчесто мора да се земаат секојдневно. Долготрајни препарати со „депо-ефект“, како оние што содржат ленакапавир, веќе се одобрени во САД и ЕУ, но во ЕУ сè уште не се продаваат.

Идејата зад третманот со антитела како 04_A06, како што објаснува Клајн, е „да се избегне секојдневното земање таблети, бидејќи би постоела повеќе од 90 проценти веројатност да се спречи инфекцијата“. Третманот со антитела би се земал отприлика на секои шест месеци.

Ново ХИВ антитело со висока ефикасност

Досега биле откриени и други антитела со широко дејство против ХИВ, но „04_A06 е дефинитивно извонредно силен претставник на таа група“, оценува Александра Тркола, директорка на Институтот за медицинска вирусологија на Универзитетот во Цирих.

„Теоретски, 04_A06 сам постигнува ефикасност што инаку се добива само со комбинација на повеќе антитела“.

Дури и кога се применува мала количина од антителото на заразени клетки, ефектот е многу изразен. Тоа е важно ако откритието од Келн еден ден се претвори во лек што би се давал преку инјекција. Зашто може да се примени само ограничена количина – а давање на 20 инјекции не би било само непријатно, туку и производството на лекот би било многу скапо, објаснува Клајн.

Долг пат до лек против СИДА

Сепак, до развој на вистински лек заснован на 04_A06 може да помине доста време, смета Кристоф Шпинер, шеф на Одделот за инфектологија на Универзитетската клиника „Rechts der Isar” во Минхен. Тој напоменува дека резултатите од Келн засега се само лабораториски податоци, „па нивната ефикасност не може директно да се пренесе на реални животни услови“. Потребни се понатамошни студии за дозирањето, безбедноста и ефективноста на антителото.

И Александра Тркола предупредува: „Сè уште не можеме да знаеме дали антителото ќе се покаже како ефикасно и во клиничка примена“. Сепак, додава: „Сигналите се дефинитивно многу охрабрувачки“.

Извор: Дојче веле/ Автор: Жанет Цвјенк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот