Германија: Вештачката интелигенција претставува закана за работата на новинарите

Опен АИ, ЧетГПТ/ Фото: Jonathan Raa/NurPhoto / Shutterstock Editorial / Profimedia

Новинарите се изложени на ризик да бидат заменети од системите за вештачка интелигенција како „Четгпт“, изјави извршниот директор на германската медиумска групација „Аксел Спрингер“.

Издавачот го напиша ова во писмо до вработените додека се обидува да ги зголеми приходите на германските весници „Билд“ и „Велт“ и да ги префрли на изданија само за дигитални медиуми. Се вели дека претстои кратење на работните места бидејќи автоматизацијата и вештачката интелигенција прават многу работни места поврзани со нивната новинарска работа вишок, пишува „Гардијан“.

Матијас Допфнер, директор на Аксел Спрингер, во интерно писмо до вработените рече дека вештачката интелигенција има потенцијал да го направи новинарството подобро отколку што било или едноставно да ги замени новинарите.

„Алатките за вештачка интелигенција како популарната „Четгпт“ ветуваат информациска револуција и наскоро ќе бидат подобри во собирањето информации од новинарите. Разбирањето на оваа промена е од клучно значење за идната одржливост на издавачката куќа. Само оние што создаваат најдобра оригинална содржина ќе преживеат“, им напишал Допфнер на неговите вработени.

Аксел Спрингер не прецизираше колку вработени може да бидат отпуштени, но издавачот вети дека нема да има намалување на бројот на известувачи, автори или аналитичарски новинари.

Во своето писмо до вработените, Допфнер напишал дека медиумите мора да се фокусираат на истражувачко известување и оригинални теми, додека откривањето на „вистинските мотиви“ на луѓето и настаните ќе остане работа на новинарството.

„Аксел Спрингер“ не е првиот издавач на вести што користи вештачка интелигенција во креирањето содржина. Во јануари, „Базфид“ објави дека планира да користи вештачка интелигенција за да ја подобри својата содржина и онлајн квизовите. Онлајн изданијата на британските весници „Дејли Мирор“ и „Дејли Експрес“ исто така ја истражуваат употребата на вештачка интелигенција.

„Формиравме работна група за да ги разгледаме потенцијалите и ограничувањата на машинското учење како што е „Четгпт“, изјави извршниот директор на групата за „Фајненшл Тајмс“.

Веб-страницата за технологија „ЦНЕТ“, наводно, користи алатка за вештачка интелигенција за да генерира статии кои подоцна се скенирани од уредниците за точност пред објавувањето. Веб-страницата во јануари призна дека програмата има некои ограничувања, откако извештајот на страницата за технолошки вести „Футурисм“ покажа дека повеќе од половина од приказните генерирани од алатката за вештачка интелигенција треба да се уредуваат поради грешки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот