Герасимовски: Уништувањето на детските игралишта e тажно и срамно
Службите на Општина Центар во текот на изминатиот период бележат оштетени и искршени реквизити, заштитни огради на повеќе детски игралишта, откорнати подлоги и собрани зелени подлоги на фудбалски игралишта, детски игралишта испрскани со спреј кои ја нагрдуваат сликата во околината и ја спречуваат или прекинуваат детската игра, информираат од Општина Центар.
Препорачано
Пред извесен период, како што велат, родители до општината пријавија дека на детското игралиште Славка Недиќ во Дебар Маало кај Дрвен има истурено масло од непознати сторители. Ова детско игралиште, додаваат, беше целосно реконструирано пред неколку месеци и беше полно со деца од околните згради. Пред пет месеци целосно беше реконструирано спортско игралиште пред Кам Маркет со поставена нова вештачка трева на површина од 156 квадратни метри, нова заштитна ограда и детски голови, а денеска има откорната подлога.
-Тажна е сликата да ги гледате детските игралишта во ваква состојба. Неколкупати досега апелирав на внимание и зачувување на детските реквизити и урбаната опрема. Некои од реконструираните игралишта не издржаа здрави ниту една недела. Тажно и срамно е ова што се прави. Детските игралишта и урбаната опрема се јавно добро за нашите најмили. Со нивно уништување покрај тоа што се скратува правото на игра на децата се доведуваат и во опасност, изјави градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски.


