Георгиевски: Најсилните четири екипи ветуваат една неизвесна Куп-завршница

Фото: kfsm.mk

Сè е подготвено за завршниот турнир од кошаркарскиот Куп за 2021 година „Благоја Георгиевски Буштур“ во женска конкуренција.

Четири екипи, Бадел 1862, Крива Паланка, Баскет Кам 2011 и Вардар во СРЦ „Кале“ (голема сала) – Скопје ќе си ги одмерат силите во полуфиналните дуели закажани за претстојниот петок (7 мај), а победниците од овие дуели ќе го одлучат освојувачот на Купот за 2021 година еден ден подоцна.

Двојки:
(1) Бадел 1862 – (4) Крива Паланка
(2) Баскет КАМ – (3) Вардар

– Ми претставува особена чест да ја претставам завршницата на овој Куп која како што знаете ќе се одржи овој викенд односно 7 и 8 мај. Би сакал пред сè да им посакам добредојде и среќа на сите четири клубови кои ќе играат во полуфиналињата и потоа во финалето. Годинава Купот ќе се одржи со одредени новини и новости, за првпат Купот е именуван по една наша легенда Благоја Георгиевски Буштур и од сега ќе го носи тоа име во негова чест.

Годинава сте сведоци на едно силно првенство, гледаме нови засилувања, гледаме неизвесност и по една долга битка во државното првенство ги добивме четирите најсилни екипи кои ветуваат една неизвесна Куп-завршница – истакна Генералниот Секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.

Симона Деловска, капитен Вардар:

– Сакам да им честитам на сите екипи што стигнаа до завршниот турнир. Се надевам дека тоа што секоја екипа има нови засилувања дека ќе го извлече максимумот од натпреварите. Дека сите ќе покажат добра игра и дека ќе има добри и интересни натпревари за тие што ќе ги гледаат. Вардар како клуб ќе се обиде да даде се од себе и се разбира да го оправдаме тоа што сме освојувачи на Купот неколку години по ред. Се надевам, пред се, дека натпреварот од полуфиналето ќе биде интересен и секако се надевам на пласман во финале.

Катерина Поп Димитровска, капитен Баскет Кам 2011:

– Честитки до четири екипи, а и огромна благодарност до федерацијата што и во вакви тешки услови ќе го организира Купот, а со тоа и нивото на женската кошарка во државата. Сите екипи заслужено се тука, верувам дека ние сме една од поквалитетните екипи и дека со труд и желба ќе го освоиме пехарот. Силно сме мотивирани и ќе го дадеме својот максимум во извојување на победите и со тоа да ги израдуваме нашите навивачи.

Фото: kfsm.mk

Сања Адамоска, капитен ЖКК Бадел 1862:

– Би сакала да им честитам на сите екипи кои обезбедија учество на турнирот, Како што кажа и Генералниот Секретар, мислам дека оваа година натпреварите, а и самиот квалитет ветува интересна кошарка. Самата Супер лига од натпревар во натпревар е со зголемен квалитет и сè поголема неизвесност. Не би сакала да издвојам фаворит бидејќи сите екипи ветуваат. Во име на мојата екипа можам само да кажам да гарантирам дека ние ќе дадеме се од себе и дека ќе се обидеме да го освоиме Купот.

Михаела Алексовска, капитен Крива Паланка:

– Честитки до клубовите кои се пласираа на завршницата. Ние сме релативно млад клуб, но сме упорни и амбициозни и ова го постигнавме со работата од изминатите години. Голема благодарност до кошаркарките, моите соиграчи, но и особена благодарност до тренерите кои имаат трпение да го постигнат сето ова со нас. Благодарност и до нашите Мими и Маја кои ни помогнаа да се најдеме тука каде што сме сега и се надевам дека ќе нанижеме уште некој успех.

Фото: kfsm.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот