Газа: Најмалку 50 мртви во новите израелски напади, меѓу жртвите има 22 деца
Службата за цивилна заштита во Газа денес објави дека најмалку 50 лица, меѓу кои 22 деца, биле убиени во текот на ноќта од вторник кон среда во израелските напади врз палестинската енклава.
Препорачано
„Најмалку 50 лица биле убиени, меѓу кои 22 деца и многу жени, во израелските напади започнати од вчера (вторник) вечерта против Појасот Газа“, изјави денес портпаролот на цивилната заштита Махмуд Басал за АФП.
Покрај тоа, уште 200 лица биле повредени, додаде Басал, зборувајќи за „јасно и флагрантно кршење на договорот за прекин на огнот“ меѓу Хамас и Израел. Во исто време, тој ја осуди „катастрофалната и застрашувачка“ ситуација во Појасот Газа.
Израелската армија денеска соопшти дека вчера еден војник бил убиен во Газа.
Јона Ефраим Фелдбаум, 37, „загинал во акција во јужниот дел на Појасот Газа“ во вторникот, соопшти армијата, извршувајќи воздушни напади врз палестинската енклава откако го обвини Хамас за кршење на прекинот на огнот што е во сила од 10 октомври.
Трамп: Договореното примирје не е во опасност
Примирјето меѓу Израел и Хамас не е во опасност да пропадне, и покрај израелските напади врз Газа, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
На летот од Јапонија до Јужна Кореја, Трамп им рече на новинарите што го придружуваа во „Ер Форс Уан“ дека „ништо нема да го загрози“ договореното примирје.
Американскиот претседател ги оправда израелските напади врз Газа, обвинувајќи го Хамас.
„Тие убија израелски војник, па Израелците возвратија како што требаше“, рече тој. Во исто време, тој му се закани на Хамас со уништување „доколку не се придржуваат до примирјето“.


