Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Божиќни колачиња

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mkфејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински празничен деликатес: божиќни колачиња.

– Кога домот мириса на путер, ванила и цимет, а кујната станува место каде што се создаваат спомени, тогаш знаеме дека Божиќ е на прагот. Овие божиќни путер колачиња се повеќе од десерт – тие се топлина, традиција и радост спакувани во мали, совршено украсени залчиња – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

• 440 грама брашно
• 220 грама путер (на собна температура)
• 220 грама шеќер
• 1 ќесичка ванилин шеќер
• 1 јајце
• ½ лажица прашок за печиво
• 1 кафена лажичка цимет

За кралска глазура:

• 1 белка
• 200 грама шеќер во прав
• 1 лажица сок од лимон
• ½ лажица нишесте (густин)

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Во длабок сад се матат путерот, шеќерот и ванилиниот шеќер додека да се добие кремаста смеса. Се додава јајцето и повторно се мати до целосно соединување.

Во посебен сад се мешаат брашното, прашокот за печиво и циметот, па постепено се додаваат во смесата. Се замесува меко тесто, кое се дели на два дела, се завиткува во фолија и се остава во фрижидер 30 минути.

По ладењето, тестото се развлекува на набрашнета површина во кора со дебелина од околу 5 мм. Со модли се вадат различни форми и се редат во плех обложен со хартија за печење. Се печат во загреана рерна на 180 степени Целзиусови околу 10 минути.

Кралска глазура:

Белката се мати, па постепено се додава шеќерот во прав измешан со нишестето. Се меша до добивање густа, мазна смеса, по што се додава сокот од лимон.

Глазурата се дели во повеќе садови и се обојува со прехранбени бои. Со помош на ќесички, изладените колачиња се украсуваат по желба. Се оставаат најмалку 2 часа на собна температура, за глазурата да се стегне.

Колачињата се чуваат во стаклен или метален сад и остануваат свежи и вкусни неколку дена.

Нека празничната трпеза биде уште побогата со овие божиќни путер колачиња се најубави за консумирање.

На здравје сладење!

Среќни празници!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот