Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Баварски печива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: баварски печива.

– Постојат рецепти што со својот мирис веднаш ја исполнуваат кујната со топлина и домашна атмосфера. Овие баварски ѓевречиња се токму такви – едноставни, но со посебен карактер. Нивната тајна се крие во краткото варење во вода со мед, што им дава нежна сладост и убава, сјајна кора. Дел од нив се обвиткани во крцкав сусам, а дел се посипани со морска сол, создавајќи совршен баланс меѓу благо и солено. Однадвор златести и ароматични, а однатре меки како памук – идеални за појадок, ужина или пријатно друштво околу масата – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 1 кг брашно
– 100 мл масло
– 1 свеж квасец
– 500 мл млако млеко
– 3 мали лажици сол
– 1 мала лажица шеќер
– 2 големи лажици мед
– 150 грама сусам
– морска крупна сол

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Од брашното, квасецот, маслото, солта, шеќерот и млакото млеко замесете меко тесто што нема да се лепи на рацете. Доколку е потребно, додадете малку вода. Покријте го тестото со крпа и оставете го околу 40 минути да нарасне.

Кога тестото ќе стаса, поделете го на 15–20 топчиња, во зависност од тоа колкави сакате да бидат печивата. Од секое топче оформете долго „црево“, а краевите спојте ги за да добиете форма на круг или срце.

Оформените печива наредете ги на набрашнета површина, покријте ги со памучна крпа и оставете ги да одморат уште 15 минути.

Во длабок сад ставете 1 литар вода и 2 лажици мед и оставете да зоврие. Кога водата ќе почне да врие, ставете по едно ѓеврече во неа (така што страната што била на масата ќе биде свртена нагоре) и варете околу 30 секунди.

Потоа, вадете ги со цедалка и добро цедете ги. Дел од ѓевречињата веднаш извалкајте ги во сусам од двете страни, а другите само наросете ги со морска сол. Наредете ги во тепсија обложена со хартија за печење.

Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15 минути, додека не добијат убава златна боја.

Топли, мирисни и неодоливо меки – овие баварски ѓевречиња се вистинско мало уживање во секој залак.

На здравје!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот