Гастрономско уживање од Дијана Иваноскa: Аспарагус во лиснато тесто
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Препорачано
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно уникатно гастрономско уживање – аспарагус во лиснато тесто.
– Ако не сте ја пробале комбинацијава, ви препорачувам да ја пробате. Многу вкусно и елегантно предјадење или појадок. Се подготвува ептен брзо и лесно, а се добива превкусно мезе – порачува Дијана.

Состојки:
– 1 пакување лиснато тесто
– аспарагус китка (околу 20 парчиња)
– пршута (18-20 парчиња)
– 100 грама кашкавал (рендан)
– 1 лажица маслиново масло
– 1 јајце
– 1 лажица млеко
– сол
– бибер

Подготовка:
Загрејте ја рерната на 220 степени.
Исечете го тврдиот дел од аспарагусот.
Сипете маслиново масло врз аспарагусот и измешајте го да се обложи со маслото. Додадете зачин по желба, јас ставив малку провансалска мешавина.
Развлечете го одмрзнатото лиснато тесто на набрашнета површина, да биде малку поголемо од првичната димензија.
Исечете го на квадрати.
На секој квадрат ставете парче пршута, малку рендан кашкавал и три парчиња аспарагус.
Преклопете ги спротивните краеви на квадратот и префрлете го на тава обложена со хартија за печење.
Премачкајте со мешавина од јајце изматено со лажица млеко.
Наросете црн пипер.
Печете додека не поруменат убаво.
Уживајте!




