ГАЛЕРИЈА | Неодолива градина во центарот на Струмица: Цвеќињата се како луѓето, се чувствува кога се среќни, а кога тажни

Цвеќињата се како луѓето, имаат лице, очи, сјај, и веднаш се чувствува кога се среќни и разиграни, но и кога се тажни и наведнати, вели Кристина Трендова, сопственичка на една од најубавите градини, богатство наследено од мајка ѝ.

Семејната градина на Кристина Трендова се наоѓа во центарот на Струмица, веднаш зад црквата „Свети Димитрие и Григорие“. Стара е над педесет години и доживела многу промени. Куќата е од родителите на Кристина и нејзината сестра, познатата пијанистка Даница Стојанова, а дворот е познат на многу нивни пријатели, и пријатели на нивните деца, каде што со задоволство се дружат. Во градината некогаш имало и борови, се одгледувал зеленчук, имало овоштарници, многу видови цвеќиња, но со текот на времето станала малку поспокојна. Ама, неодолива е!

– Нашите родители починаа и за градината се грижам јас со помош на син ми Александар. Се радуваме кога дворот е полн со луѓе и уживаме во пријатната глетка на убавите рози, белите камчиња и останатата природа. Дворот е доста полезен, тревата е погодна за игра на моите внучки кога доаѓаат на посета, а и за излежување на нашето кокерче Луси кое ужива да се тркала по тревата. Така, постепено дворот, па и градината, си го добија денешниот сјај со една исклучителна енергија каде што се чувствува љубов и спокој – ни раскажува Кристина.

Оваа прекрасна градина си бара секојдневно внимание, тревата мора да се искоси барем еднаш неделно, да се исчистат сите непотребни тревки од саксиите со цвеќиња, да се наводни целата површина речиси секоја вечер кога температурите се високи. Живата зелена ограда на дворот бргу расте и треба постојано да се поткаструва. Треба постојаност, вели Кристина, и таа се труди да го одржува ова богатство колку што може покрај работните обврски што ги има. Инаку, градината е наследство од мајка ѝ, Галаба, која ја направила како мала оаза каде што господари љубовта, спокојството и духовната енергија. Розите се кралици на оваа чудесна градина и тие се симбол на убавина и љубов.

– Розата е каприциозна и бара внимание. Режењето за растението претставува стрес. Затоа е потребно да се обрне внимание какво е времето. Обично тоа го правам на есен, санитарно режење, а вистинското режење е на крајот од зимата и почетокот на пролетта. Со правилно одгледување тие се во полн цут – вели нашата соговорничка.

Покрај кралиците – рози, има цвеќиња во саксии, вербена, бегонија, божиќен кактус, бонбончиња, малоки. Ја прашуваме Кристина дали е вистина дека на цвеќињата треба да им се зборува за да расцутат со сета раскош?

– Апсолутно, одговара таа, и додава: Тие бараат многу љубов, тие самите по себе се љубов и чувствуваат сè. И тие, како нас луѓето, имаат лице, очи, сјај, и веднаш се чувствува кога се среќни и разиграни, но и кога се тажни и наведнати, а крајната фаза е кога се овенати и пред заминување. Само нега, љубов и правилно наводнување може да ги поврати. Пред четири години ми измрзна портокаловиот јасмин кој го донесов од Грција, со години му се радувавме, израсна до покривот на куќата, беше волшебен со бели цветови кои мирисаа на портокал. По една година од неугледното стебло се роди зелено ливче. Бев пресреќна! Чекав да се појави уште еден лист, и така, лист по лист, портокаловото јасминче се поврати и живее повторно. Природата е чудо – ни вели Кристина.

А како да не го спомнеме за крај, превкусното слатко од рози. Мама Галаба правела слатка од секаков вид овошје, па Кристина ја продолжила традицијата, а во блиска иднина, ветува, ќе се испроба и во слаткото од рози.


Би сакале да ја споделите убавината на Вашата градина? Пишете ни на [email protected]

Во продолжение уживајте во галеријата од градината на Кристина:

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Би сакале да ја споделите убавината на Вашата градина? Пишете ни на [email protected]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот