Црвен тепих, Оскари 2026 - Фото: EPA

ГАЛЕРИЈА | Црвениот тепих на Оскарите 2026: Кристали, пердуви и гламур на највисоко ниво

Модните изданија на Оскарите 2026 година се движеа од раскошни креации украсени со пердуви и кристали до суптилен минимализам во впечатливи бои. Особено беше забележливо дека и машката мода оваа година привлече големо внимание.

Црвениот тепих го одбележа интересен баланс меѓу гламурот и суптилната елеганција, каква што оваа свеченост и  заслужува. Доминираа елегантни силуети со нагласен струк и богато украсени долни делови. Кај машките комбинации се истакнаа интересни јаки и креативни модни решенија, што уште еднаш потврди дека машката мода последниве години станува сè поважна и сè повеќе ѝ парира на женската.

Фустаните што дефинитивно ќе инспирираат идни модни трендови за вечерни излегувања, свадбени креации и облека за посебни пригоди уште еднаш беа највпечатливи на доделувањето кое традиционално нè потсетува што значи вистински гламур.

Ел Фенинг беше едно од најромантичните појавувања на вечерта. Во специјално изработен фустан од „Живанши“ украсен со ливчиња од вистерија и блескав накит од „Картие“, таа изгледаше речиси етерично – како современа верзија на холивудска принцеза.

Ел Фенинг – Фото: EPA/JILL CONNELLY

На црвениот тепих се појави и Никол Кидман, која остана верна на безвременската елеганција на „Шанел“. Актерката носеше долг, флуиден фустан украсен со пердуви и корсет кој создаваше впечаток на леснотија и софистицираност.

Никол Кидман – Фото: EPA/JILL CONNELLY

Ен Хатавеј уште еднаш покажа дека совршено го владее стилот на овој престижен црвен тепих. Таа избра црн фустан без прерамки украсен со розови цветни мотиви, со богато скроено здолниште и долг заден дел. Црните ракавици и дијамантскиот накит му дадоа финален допир на класичниот гламур.

Ен Хатавеј – Фото: EPA/RYAN SUN

На тепихот блесна и Деми Мур, која привлече големо внимание во раскошен фустан од „Гучи“ целосно покриен со пердуви. Зелената силуета со паунски сјај и нагласен корсет преминуваше во драматичен црн заден дел и пердувест изрез околу вратот, создавајќи еден од највпечатливите визуелни моменти на вечерта.

Деми Мур – Фото: EPA/RYAN SUN

При своето прво појавување на Оскарите, Миа Гот ја напушти препознатливата темна естетика и се појави во речиси бајковита елеганција. Таа носеше кремаст фустан од „Диор“ украсен со слоеви чипка и цветни апликации, со брановидни рабови и цветни детали на корсетот.

Миа Гот – Фото: EPA/JILL CONNELLY

Педро Паскал ја изненади публиката со свеж изглед без својата препознатлива брада и мустаќи. Новиот, младешки имиџ го надополни со елегантно одело од „Шанел“, комбинирано со часовник и очила од истата модна куќа – едноставно, но многу ефектно.

Педро Паскал – Фото: EPA/RYAN SUN

Зои Салдана донесе суптилен, но заводлив гламур. Таа носеше црн фустан од „Сен Лоран“ со проѕирен чипкан горен дел и мат здолниште со едноставна линија, дополнет со впечатлив ѓердан од „Картие“ и дијамантски накит.

Зои Салдана – Фото: EPA/RYAN SUN

Тејана Тејлор своето деби на Оскарите го одбележа со максималистички гламур. Фустанот од „Шанел“ со сребрен сјај, кристали и драматичен пердувест заден дел во црно-бели тонови беше еден од највпечатливите модни моменти на вечерта.

Тејана Тејлор – Фото: EPA/RYAN SUN

Џејкоб Елорди се појави во елегантна комбинација од „Ботега Венета“, дополнета со префинет накит од „Картие“. Минималистичкиот крој и суптилниот луксуз беа совршени за црвениот тепих.

Џејкоб Елорди – Фото: EPA/RYAN SUN

Норвешката актерка Ренате Реинсве привлече внимание со креација од модната куќа „Луј Витон“. Елегантната силуета беше нагласена со висок шлиц на бутот и драматичен заден дел кој го следеше секој нејзин чекор – смела, но исклучително префинета комбинација која донесе силен колористички контраст на црвениот тепих.

Ренате Реинсве – Фото: EPA/RYAN SUN

Мајкл Б. Џордан се појави во совршено скроено црно одело по мерка, исто така со потпис на „Луј Витон“. Минималистичката елеганција и беспрекорната силуета ја истакнаа неговата харизма – класичен пример како машката вечерна мода може да биде подеднакво впечатлива како и најраскошните фустани.

Мајкл Б. Џордан – Фото: EPA/RYAN SUN

Џеси Бакли го продолжи својот силен моден настап од сезоната на награди со спектакуларен фустан изработен по мерка од „Шанел“. Креацијата со црвен корсет со спуштени раменици и нежно розова, лесна сукња создаде драматичен контраст на бои.

Џеси Бакли – Фото: EPA/RYAN SUN

Чејс Инфинити дебитираше на Оскарите во раскошен фустан во боја на лаванда со потпис на Луј Витон. За свилената креација со асиметрични повеќеслојни делови кои се спуштаа по колкот, според извештаите, биле потребни повеќе од 750 часа изработка.

Џеси Бакли -Фото: EPA/RYAN SUN

Тимоти Шаламе се појави во интересна модна комбинација – целосно бело одело од „Живанши“ со широки панталони, бели чевли и црни очила за сонце. Уште еднаш покажа дека не се плаши од модни експерименти.

Тимоти Шаламе – Фото: EPA/RYAN SUN

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот