„ГА-МА“ реагира откако Макпетрол најави дека веќе нема да увезува и испорачува гас

Фото: EPA/Eustream

„Потребата од обезбедување на право на избор и либерализација на пазарот носи низа позитивни придобивки, но исто така и обврски да се постапува по пазарни правила. Во време на енергетска криза, сите учесници на пазарот на природен гас треба и мора да бидат одговорни и да ги почитуваат законските прописи“, наведуваат од државното претпријатие „ГА-МА“, по објавата на компанијата „Макпетрол” дека од 1 јануари нема увезува и да испорачува природен гас до своите потрошувачи.

– Владата ги направи сите потребни чекори да овозможи снабдување од повеќе извори, бидејќи во време на светска енергетска криза е многу опасно да зависиме само од еден извор на снабдување. Сите подзаконски акти се веќе пратени во Регулаторна Комисија за енергетика и очекуваме дека многу брзо ќе бидат разгледани и усвоени. На сите состаноци заклучено е дека новите правила за пренос се сосема применливи. Процесот на запознавање со промените е започнат уште на почетокот на 2022 година, каде во склоп на четиридневни презентации каде беа поканети повеќето активни трговци меѓу кои и Макпетрол АД. Од нивна страна немаше никакви забелешки или прашања. Понатаму на ден 22.09.2022 ги информиравме за промените кои ќе произлезат од интерконективниот договор. На ден 18.10.2022 беше објавено дека отвараме јавна расправа во врска со предлог текстот на договорот, се вели во соопштението од „ГА-МА” АД.

Поосчуваат дека забелешките кои ги доставил „Макпетрол” до нив биле во насока на оспорување на правото да го потпишат договорот, а не на текстот, односно на суштината на договорот.

– Анексите кои не беа објавени (а за кои Макпетрол АД имаше забелешка) се од доверлив карактер и се однесуваат на самата оперативна работа на операторите и детален опис на нашата главна мерна станица на Жидилово. Заради безбедност на главната гасната станица, тие не беа објавени. Како што може да проверите и на Веб страните на другите оператори не се објавува целосниот договор. Сите добиени дописи заедно со комплетниот материјал на договорот е испратен до Влада на увид. Владата носи одлука со која се задолжува ГА-МА АД да го потпише Договорот, стои во соопштението.

Интерконекцискиот договор, посочуваат од „ГА-МА” АД, е склучен на ден 31.10.2022, и веднаш на 1.11.2022 ги известиле трговците дека се спремаат нови правно-регулаторни акти за примена на договорот од 01.01.2023.

На 24.11.2022 објавиле дека во нивните простории ќе биде одржана презентација со можност за прашања и појаснувања. „Макпетрол” испратил известување дека нема да присуствува.

– Од сите наведени дејствија може да се согледа дека Макпетрол имал многу можности да ги запознае и своите корисници и своите вработени за промените, но не го сторил тоа. Толкувањето за несетифициран Оператор е одвлекување од суштината на овој процес, а тоа е либерализација на пазарот и овозможување на снабдување со гас од повеќе извори. Уште повеќе што до неодамна директно влијание во раководењето како сосопственик беше токму Макпетрол. На секому му е јасно зошто од 2018 година кога е донесен Законот за Енергетика, никако не можеше да се дојде до интерконективен договор кој ќе овозможи повеќе учесници на пазарот (всушност нема пазар) и гас од други извори. Овие денови се одвиваат интензивни состаноци и дебати со сите трговци и снабдувачи, како и со регулаторна комисија за енергетика, се со цел да се надминат евентуалните несогласувања, во функција на непречено и континуирано снабдување, на сите потрошувачи со природен гас, се истакнува во соопштението од „ГА-МА” АД.

„Макпетрол” денека соопшти дека од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас до своите потрошувачи. Во соопштението испратено до јавноста, „Макпетрол” посочува дека причина за ваквата ситуација се новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие „ГА-МА” АД и „Булгартрансгас”, со што не се применливи досегашните услови според кои компанијата увезува и испорачува природен гас до своите потрошувачи.

Од „Макпетрол” велат дека ги информирале сите релевантни институции во државата за неподготвеноста на целиот пазар на природен гас за примена на Договорот за интерконекција, уште пред неговото потпишување.

„Макпетрол“ нема да увезува и испорачува природен гас до потрошувачите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот