обвинителство

Фризерницата која за три години доби 270.000 евра под лупа на Обвинителството

Фризерскиот салон кој доби 270.000 евра за образовни обуки преку програмата Еразмус + е под лупа на Обвинителството. Државниот обвинител Љубомир Јовески во изјава за ТВ24 не ја исклучи можноста да се отвори истрага:

„Ги следиме сите информации, доколку има основ, зависно од проценката на колегите, не се исклучува можноста за да се отвори случај“ – изјави Јовески за телевизијата.

Станува збор за скопски фризерски салон за мажи, со адреса во Ново Лисиче, кој три години по ред европски пари за програма поврзана со обуки на студенти. Исплатата на средствата оди преку Агенцијата за европски образовни програми, каде директорка е Лидија Димова. Агенцијата ги исплатила парите на сметката на В.Е.З Трејд. (Вредност на европско знаење) и оваа фирма која редовно аплицира и добива проекти има регистрирана основна дејност фризерски салони и салони за разубавување, но и општа клаузула за бизнис.

Во спорната фризерница која доби пари за обуки работи само еден бербер/Фото: ТВ24

Нејзиниот управител и сопственик  Зоран Златковски, воедно е и професор во средното скопско училиште Арсени Јовков и по основ на образовни обуки аплицирал за грантови од Еразмус+ програмата:

„Не добила грант фризерницата, туку фирмата ВЕЗ трејд. Според Еразмус правилата на мојата фирма и е дозволено да учествува во процесот на аплицирање и имплементирање на образовни проекти. На тој начин со измислени приказни јавноста се доведува во заблуда со што им се нанесува штета на образовните институции, на корисниците на Еразмус и на мене како професионалец се нарушува угледот на ВЕЗ алудирајќи на неправилности и корупција“ – рече Златковски.

Со реакција за овој случај се јави и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја нападна директорката Лидија Димова која ги одобрила парите:

„Вчера дознавме дека најпрофитабилен бизнис во Република Македонија е фризерската дејност. Лидија Димова, директорката од СДСМ, исплатила европски пари 270.000 евра во рок од 3 години преку неколку грантови на фризерски салон или берберница со две столчиња, сеедно, каде што една од темите на грантот за оваа година била фризерницата да едуцира за медиумска писменост во дигиталното опкружување“ вели Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорката на Агенцијата Лидија Димова преку Фејсбук порача дека информациите со фризерницата се реваншизам, бидејќи таму отвориле повеќе истраги за злоупотреби.

Таа претходно за  А1он Димова изјави дека проектите се добиваат поради квалитетот, а не поради фирмата која аплицира. Потврдува дека Златковски држел и обуки на наставници.

Првата исплата на европските пари кои ги добиле била во 2018 година – 63 552 евра, потоа следната добиле речиси 26 илјади евра, а годинава најмногу – 180 илјади евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот