„Фридом хаус”: Пад на демократијата во светот во време на пандемија
Пандемијата со ковид-19 ја продлабочи кризата со демократијата ширум светот, овозможувајќи им покритие на властите за попречување на изборите, за замолчување на критичарите и на медиумите, за ослабнување на важните институции како и за поткопување на потребата за заштита на човековите права ина јавното здравје, се наведува во најновиот извештај на „Фридом хаус“ под наслов „Демократија за време на карантин”.
Препорачано
Во извештајот, изработен од „Фридом хаус” заедно со истражувачката група „ГКР” (GQR), се наведува дека од почетокот на пандемијата на ковид-19 се влошени условите за демократија и на човековите права во 80 држави во светот. Исто така се потенцира дека кризата на демократијата почна пред пандемијата, но поради корона-кризата се влоши состојбата, тренд што најверојатно ќе продолжи и по завршување на здравствената криза, бидејќи ќе биде тешко да се сменат воспоставените закони и правила.
Во истражувањето се потенцира дека пандемијата со ковид-19 дополнително го влоши 14 годишниот континуиран пад во слободата.
– Не само што се бележи пад на демократијата во 80 земји, туку проблемот е посебно акутен во кревките демократии и високо репресивните држави, односно најмногу трпат институциите кои веќе имаа слаби заштитни мерки против злоупотреба на моќта, истакнува „Фридом хаус”.
Во извештајот се опишани резултатите од истражувањето спроведено од јануари до август оваа година, при што е забележан пад во пет аспекти – злоупотреба на власта, заштита на ранливите групи, транспарентност и борба против корупијата, слобода на медиуми и изразување и кредибилни избори.
Повеќе од 60 проценти од испитаниците предвидуваат дека пандемијата ќе влијае врз политичките права и граѓански слободи во одредени земји во наредните три до пет години. Во извештајот се наведува дека пандемијата го забрза и глобалниот пад во слободата на изразување. Ограничување за медиумите, како дел од одговорот на ковид-19, се случи во најмалку 91 држава, додека во 72 земји владите вовеле рестрикции на слободата на говорот или критиките.
Истражувањето покажа дека авторитарните, но и демократски избрани лидери не биле искрени за влијанието на ковид-19, а 62 отсто од испитаниците изјавиле дека не веруваат на националните влади за тоа што го кажуваат за пандемијата.
Меѓу испитаниците од земјите што „Фридом хаус” ги означи како неслободни, 77 проценти од анкетираните навеле дека не веруваат во информациите на националните влади поради недостиг на транспарентност.
Во делот посветен на слобода на медиумите и изразувањето се истакнува дека во најмалку 91 држава од вкупно 192 (47отсто) властите наметнале ограничувања за известување за пандемијата што биле забележани во медиуми во 25 проценти слободни земји, 62 отсто делумно слободни и 67 неслободни.
Северна Македонија заедно со другите балкански земји е рангирана во категоријата делумно слободни држави, со исклучок на Хрватска и на Словенија, кои се сместени во групата на слободни земји.
„Фридом хаус” истакнува дека во најмалку 72 земји (38 отсто) имало специфични контроли на медиумите, владини ограничувања на слободата на говорот и на критиките кон власта.
Извештајот содржи и низа препораки за државите да обезбедат соодветни и временски ограничени мерки, техничка поддршка, пристап до проверени информации, поддршка до безбедни и фер избори со почитување на јавното здравје, како и борба против корупцијата и обезбедување на итен фонд, кој ќе овозможи на организациите за човекови права да ја продолжат својата работа.


