Френсис Узохо – Навивачот на Манчестер Јунајтед кој на „Олд Трафорд“ го одигра натпреварот на кариерата

Фото: EPA-EFE/PETER POWELL .

Често пати фудбалот знае да испише неверојатни приказни, нешто такво се случи на натпреварот помеѓу Манчестер Јунајтед и кипарска Омонија. Јунајтед до победата дојде со голот во судиското продолжение, меѓутоа херојот на оваа приказна е голманот на Омонија Френсис Узохо.

23-годишниот Узохо досегашната кариера ја поминал во главно во кипарски клубови (Анортозис, Омонија, АПОЕЛ), еден период од кариерата помина и во Депортиво Ла Коруња во Шпанија.

Фото: EPA-EFE/PETER POWELL .

Зад себе има 18 настапи за репрезентацијата на Нигерија, меѓутоа натпреварот кој најмногу ќе го памети го одигра вчера на „Олд Трафорд“ и тоа против „неговиот“ Манчестер Јунајтед. Велиме неговиот затоа што од детството Узохо бил голем фан на „црвените ѓаволи“. Токму против неговиот омилен тим го имаше најдобриот настап во кариерата.

Против Омонија Манчестер Јунајтед целосно доминираше, имаше 13 корнер, 22 удари од шеснаесетникот и повеќе од 10 удари во рамки на голот. Узохо натпреварот го заврши со 12 чисти одбрани.

Дека навистина е навивач на Манчестер Јунајтед потврди самиот тој после натпреварот.

„Ова беше најдобриот настап во мојата кариера. Да, навивач сум на Манчестер Јунајтед. Долго време сонував да бранам на овој стадион. После ждрепката се молев само да останам здрав и се да биде во најдобар ред за да бранам тука. Среќата ме посака и Господ ми ја даде приликата за која сонував“, изјави Узохо.

После натпреварот Узохо се запозна и со тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик Тен Хаг со кого направија и фотографија.

Фото: Screenshot/Twitter

Сигурно на Узохо му значат и пофалбите од некогаш важниот играч од средниот Овен Харгривс кој во улога на стручен коментатор го пофали младиот голман.

„Го одигра натпреварот на кариерата, беше неверојатен. Сигурно ќе го искористи овој момент. Беше како ѕид на голот. Верувам сега постојано ќе ѕвони телефонот на неговиот агент. Ние сите имаме моменти кои ни ги менуваат кариерите. Токму овој натпревар за него беше таков, еден момент, еден натпревар во спортот може да значи многу“, смета Харгривс.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот