Ферари - Фото: pexels-mikebirdy

Французин примал социјална помош, а возел скапоцено „Ферари“ – го фатиле како лета со 250 километри на час

Француско семејство со години примало државна социјална помош, а истовремено преку незаконски активности остварувало големи приходи. Случајот бил откриен по сообраќајна контрола што ја спровела полицијата во Воклиз, на југот на Франција, пренесува „Н1“.

Во јуни лани полицијата запрела автомобил „Ферари Портофино“ кој се движел со брзина од 247 километри на час. При проверката било утврдено дека возачот формално се води како бездомник, без пријавено живеалиште. Тој тврдел дека луксузниот автомобил, вреден околу 210.000 евра, ѝ припаѓа на неговата мајка.

Возачката дозвола веднаш му била одземена, а возилото запленето. Мажот изјавил дека нема приходи и не е вработен. Сепак, понатамошната проверка покажала дека автомобилот е сопственост на семејна фирма за трговија со недвижности, со која управувал токму тој. Во претпријатието како сопственици или вработени се воделе и неговата мајка, брат и сестра, сите со живеалиште во соседниот град Вар.

Откритието довело до детална истрага за приходите и начинот на живот на целото семејство. Надлежните утврдиле дека со години примале социјална помош, додека преку непријавена дејност остварувале значителни приходи. Според француската полиција, фирмата во изминатите години остварила приходи поголеми од 1,6 милиони евра. Истовремено, осомничените купувале во луксузни продавници и патувале на престижни дестинации, што било во целосна спротивност со нивниот пријавен социјален и даночен статус.

Пред неколку дена специјални полициски единици спровеле акција во која членови на семејството биле уапсени. При претресите биле пронајдени и запленети речиси 13.000 евра во готовина, три возила во вредност од околу 65.000 евра, речиси 67.000 евра на банкарски сметки, луксузна стока и предмети како накит, часовници, обувки и кожна галантерија проценети на повеќе од 170.000 евра, како и недвижности вредни над 600.000 евра. Пронајдена била и пушка калибар 22 со муниција.

Членовите на семејството се товарат за работа на црно, перење пари, злоупотреба на средства од претпријатие и измама при остварување право на државна социјална помош. Според наводите на француската жандармерија, државата била оштетена за речиси 1,8 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот