Француски туристки јаделе пица во Италија и избегале од ресторанот: Сопственичката ги пронашла сама!
Сопственичка на италијанска пицерија стана херој на социјалните мрежи откако лично ги пронашла и им наплатила фактура на две француски туристки кои се обиделе да избегаат без да платат.
Препорачано
Микела Малатини, сопственичка на пицеријата „Ai Due Re“, ги користела снимките од безбедносните камери и моќта на социјалните мрежи за да им ја наплати сметката од 44 евра на турустките, пишува „Гардијан“.
Двете Французинки вечерале во пицеријата во Чивитанова Марке, град на јадранскиот брег, каде што нарачале две пици и четири пијалаци „Аперол шприц“. Откако направиле сметка од 44 евра, едноставно си заминале.
Сопственичката им раскажала на локалните медиуми дека пристигнале без резервација.
„Кога дојде време за плаќање, станааа и полека излегоа низ вратата“, рекла таа.
Бркање со помош на социјалните мрежи
Нивното бегство можеби ќе било успешно доколку пицеријата не била опремена со безбедносни камери. Малатини го објавила видеото на Фејсбук, а со помош на коментарите на корисниците, брзо ги лоцирала туристките во изнајмениот стан во истиот град. Следното утро, Малатини лично отишла во нивниот апартман, затропала на вратата и ги разбудила гостинките за да им ја предаде сметката.
„Двете жени соработуваа без збор и веднаш ги предадоа парите без никаков протест“, изјавила таа за весникот „Кроначе Масератеси“.
„Не се работи за парите“
Сопственичката објаснила дека ова не е прв ваков случај, но овој пат не сакала да се откаже.
„Не се работи за парите; не сакаме да нè искористуваат. За жал, ваквите ситуации се случуваат сè почесто“, рекла таа, додавајќи дека гостите кои се обидуваат да си заминат без да платат ги омаловажуваат напорите на нејзиниот персонал.
„Тоа е шлаканица во лицето на нашата работа“, нагласила таа.
Малатини додала дека надзорните камери и долгогодишното искуство помагаат во идентификувањето на потенцијални измамници.
Нејзиниот потег предизвика лавина од позитивни коментари на социјалните мрежи, каде што корисниците ја фалеа нејзината „генијалност“ и „храброст“.
„Добро сте направиле!“, е само еден од многуте поддржувачки коментари.


