Франц Бекенбауер: Шармантниот „Кајзер“, ѕвезда на небото на германскиот и светскиот фудбал

фото: EPA-EFE/PEER GRIMM

Во светот одекна веста за смртта на Франц Бекенбауер на 78-годишна возраст, вистинска легенда на германскиот и светскиот фудбал. Тој шармантен „Кајзер“ остави големо наследство не само на германскиот Баерн, туку и на оваа магична игра. Искрено сочувство до семејството, но и до Баерн, Фудбалската федерација на Германија пристигнува од сите страни.

„Дер Кајзер“ беше извонреден играч, успешен тренер и популарен експерт кој го обликуваше германскиот фудбал како никој друг – објавија од европската фудбалска куќа, УЕФА.

фото: EPA-EFE/SCHNOERRER

Германците велат „Царот е мртов, тој заспал дома минатата недела“ (Билд). Сите се збогуваат со најголемиот фудбалер што оваа земја некогаш го имала.

– Шокот е голем иако знаев дека Франц не се чувствува добро. Неговата смрт е голема загуба за фудбалот, за Германија. Тој беше еден од најголемите и како играч и како тренер, но и надвор од теренот. Тој беше исклучителна личност, не само во фудбалот, тој уживаше во светската препознатливост. Сите што го познаваа знаат колку голема и дарежлива личност беше. Еден пријател нè напушти, на сите ќе им недостига – изјави поранешниот германски фудбалер, Лотар Матеус.

Руди Фелер имаше среќа да го освои Светското првенство во 1990 година со Бекенбауер како селектор:

– Ме погоди веста за смртта на Бекенбауер. Ја имав привилегијата да го споделам мојот живот со него, да учам од него и да го вкусам искуството. Без него никогаш немаше да го освоиме Светското првенство во Италија. Кајзер беше инспирација за сите, тој беше ѕвезда на небото на германскиот и светскиот фудбал. Германија изгуби голема личност, а јас изгубив голем пријател – рече Фелер.

Пораки со сочувство пристигнуваат од целиот свет, сите големи клубови, асови…

– Искрено сум тажен поради смртта на Бекенбауер. Тој беше еден од најголемите на оваа игра. Кајзер беше еден од најубавите фудбалери кои зрачеше со елеганција и шарм – напиша англискиот ас Гери Линекер.

Кон крајот на 2020 година светот го напушти аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона, две години подоцна почина „бразилскиот крал на фудбалот“, Бразилецот Едсон Арантес до Насименто Пеле (22 декември), а на почетокот на оваа година замина и големиот фудбалски император Франц Бекенбауер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот