ФОТО+ВИДЕО | Возбудливо откритие: Девојче пронашло египетскa амајлија стара 3.500 години

Фото: Facebook / Israel Antiquities Authority

Замислете да пронајдете камче и да откриете дека се работи за артефакт кој е всушност стар 3.500 години. Токму тоа ѝ се случило на едно 12-годишно девојче во Израел, која се посомневала дека нејзиното откритие е посебно уште пред таа и нејзината мајка да побараат мислење од експерт, пишува „Гизмодо“.

Дафна Филштајнер ја пронашла древната египетска амајлија стара 3.500 години додека шетала во предградијата на Тел Авив. Откритието беше опишано во соопштението на израелската управа за антиквитети. Станува збор за мало камче во форма на бумбар – „балегар“, кое сведочи за влијанието на древниот Египет на територијата на денешен Израел.

Фото: Facebook / Israel Antiquities Authority

„Ѝ го покажав на мајка ми, а таа рече дека е обичен камен или зрно. Но, тогаш ја забележав декорацијата и инсистирав дека е нешто повеќе. Баравме на Интернет. Таму најдовме фотографии од слични камчиња и сфативме дека се работи за нешто посебно, па веднаш се јавивме во Управата за антиквитети“, објаснила Дафна.

Дизајнот на амајлијата прикажува две скорпии со главите свртени една кон друга, хиероглифот „нефер“ и мотив како кралски стап. Скорпиите ја претставуваат египетската божица Серкет, која била заштитничка на бремените жени, додека „нефер“ значи „добра“ или „избрана“, според Јицак Паз, експерт од бронзеното време во израелската управа за антиквитети. Тој ја датира амајлијата од пред околу 3.500 години, во периодот на Новото кралство Египет, кога фараонската моќ допрела до делови од современиот Израел.

Фото: Facebook / Israel Antiquities Authority

Египќаните ги сметале балегарите од видот „скарабеј“ за свети, а нивната практика на несење јајца симболизирала нов живот. Според израелската управа за антиквитети, египетскиот збор за овој свет инсект, скараб, доаѓа од глагол што значи „да обликува“ или „да создава“.

„Скарабејот е навистина уникатна египетска карактеристика, но нивната широка дистрибуција достигна многу подалеку од границите на Египет. Можно е да го изгубила некоја важна и влијателна личност која минувала низ областа или да е намерно закопана. Бидејќи е пронајден на површината, тешко е да се одреди точниот контекст на откритието“, објаснил Паз.

Фото: Facebook / Israel Antiquities Authority

Дафне ја открила оваа амајлија во близина на Тела Кан, археолошки локалитет со остатоци од раното бронзено време.

„Ова откритие е и возбудливо и значајно. ‘Скарабејот’ и неговите уникатни сликовити карактеристики, заедно со другите наоди откриени во Тел Кан со слични мотиви, даваат нови сознанија за природата на египетското влијание во регионот воопшто, и во областа Јаркон во особено“, рекол Амит Даган од Универзитетот Бар-Илан и Ајелет Дајан од израелската управа за антиквитети, кои вршат ископувања во Тел Кан.

Израелската управа за антиквитети им додели на Дафне и на нејзиното семејство сертификат за добро државјанство – веројатно затоа што го предале артефактот на државните архиви, наместо да го чуваат. Јавноста ќе може да ја види оваа амајлија изложена во Националниот кампус за израелска археологија „Џеј и Џин Шотенштајн“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот