ФОТО+ВИДЕО: Родри за прва титула на Манчестер сити во Лигата на шампионите

Денеска во финалето на Лигата на шампионите одиграно на стадионот „Ататурк“ во Истанбул екипата на Манчестер сити славеше со 1:0 против Интер. За Манчестер сити ова е прва титула во ЛШ, а Интер останува на три.
Во првите пет минути изненадувачки силно тргнаа фудбалерите на Интер, со доста силен притисок на последната линија на Манчестер сити. „Граѓаните“ не се исплашија, бидејќи веќе во шестата минута кога Бернардо Силва влезе во казнетиот простор на миланските „нераѕури“, шутираше од десната страна, но за малку беше непрецизен.

Во 26 минута еден лукав обид на Барела можеше да биде фатален за Сити. Дојде до топката и се обиде да ја испрати топката во празната мрежа, откако Едерсон излета. Само 120 секунди подоцна убава шанса имаше Халанд, кој дојде до топката и шутираше од прва надвор од баланс, но Онана одлично реагираше и го спаси Интер.

Во 36 минута ужасни вести за Пеп Гвардиола откако Де Брујне поради повреда не можеше да го продолжи мечот, па на негово место во игра влезе Фоден. Немаше голови по првото полувреме (0:0), а Сити беше тој кој почна офанзивно во вториот дел, го диктираше темпото, но составот на Симоне Инѕаги успешно се бранеше.

Многу лесно можеше Интер да дојде до водство во 59 минута, откако не се разбраа најдобро Бернардо Силва и Аканџи, наместо Лаутаро Мартинез да му ја подаде топката на Лукаку, Аргентинецот само шутираше од „мртов“ агол.
Како по некое непишано правило, кога нема да се реализираат шансите, стигнува казната. Тоа го направи Сити кога постигна гол преку Родри. Аканџи одлично го проигра Бернардо Силва, овој одигра за Родри кој натрча на топката и ја смести во мрежата на Онана (1:0).
Само две минути подоцна Интер можеше да израмни, но Димарко ја погоди пречката. Во 77 минута Фоден можеше да ги реши сите дилеми околу победникот, шутираше по земја, но добро реагираше голманот на италијанскиот клуб.
Интер имаше уште една убава можност да дојде до израмнување, во 88 минута Лукаку се обиде со глава од пет метри, но Едерсон со неверојатна одбрана го запре ударот на Белгиецот. Лукаку се закани и во 90 минута, овојпат по земја од многу тешка позиција, но безопасно за Сити.


Сезона 2022/2023
Лига на шампиони
Финале
Манчестер сити – Интер 1:0 (0:0)
Родри 68`
МАНЧЕСТЕР СИТИ: Едерсон – Дијас, Аке, Аканџи – Стоунс (Вокер 82`), Родри, Гундоган, Де Брујне (Фоден 36`) – Грилиш, Бернардо Силва, Халанд.
ИНТЕР: Онана – Бастони (Госенс 76`), Ачерби, Димарко – Дармијан (Д`Амброзио 84`), Дамфриз (Беланова 76`), Барела, Чалханоглу (Мхитарјан 84`), Брозовиќ – Мартинез, Џеко (Лукаку 57`).