Фото: Слободен печат

ФОТО+ВИДЕО | Протестен „Блокадафест“ пред „Усје“: Отпорот може да биде гласен, порачаа граѓаните

Стотици граѓани вечерва учествуваат во осумчасовната блокада на цементарницата „Усје“ во Скопје, додека трае музичката програма со бендови и диџеи на т.н. „Блокадафест“, организиран од граѓанското движење „Стоп за Усје“.

Фото: Слободен печат

Граѓаните го блокираат влезот во фабриката која ја сметаат за најголем загадувач во градот и бараат таа да се премести надвор од урбаната средина. Протестот се одржува под мотото „Без Усје полесно се дише“, а организаторите рекоа дека сакаат да испратат порака дека „отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“.

Фото: Слободен печат

„Кога зборуваме за загадување, често слушаме за бројки, за извештаи, за дозволени граници. Меѓутоа, позади тие бројки постојат луѓе. Постојат болни деца коишто кашлаат преку ноќ и растат нивните инхалатори. Постојат родители кои се плашат за сопствените деца. Постојат луѓе како мене што знаат, поготово секоја зима, дека може да биде нов предизвик. Може да биде нова борба, нов страх, дали телото ќе издржи. Никој не избира да се живее. Никој не избира да живее нормално со болни бели дробови, но некој избира да загадува. Свесно и во сопствен интерес. Воздухот не треба да е луксуз“, порача една од говорничките.

Фото: Слободен печат

Од своја страна, компанијата „Титан Усје“ денеска во соопштение напиша дека „повеќе од седум децении работи како одговорна компанија“, дека „ги почитува сите законски обврски“, како и дека испуштањето прав и гасови од фабриката се мери 24 часа преку независен мониторинг, а досега не биле констатирани надминувања на дозволените граници.

„Стоп за Усје“: Бараме независни мерни станици што ќе овозможат 24-часовен мониторинг на воздухот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот