Концерт на „Меморија“ во МКЦ/ Фото: Слободен печат / Методи Здравев

ФОТО+ВИДЕО | „Меморија“ испиша музичка историја со носталгичен концерт во МКЦ

Легендарната македонска поп-рок група „Меморија“ испиша ново парче музичка историја вчеравечер во „Дансинг салата“ на МКЦ.

Пет генерации преточени во 16 поранешни и сегашни музичари кои за изминативе 40-тина години биле или сè уште се во групата, на публиката ѝ подарија ретка музичка хемија во еден заеднички концерт за сите генерации.

Концерт на „Меморија“ во МКЦ/ Фото: Слободен печат / Методи Здравев

А единствена беше и замислата и реализацијата на т.н. „музички времеплов за прошетка по спомените“, но и по сеќавањата и емоциите на нечија младост, на старите добри времиња, на убавите дружења, познатите хитови, старите пријатали, некогашните друштва, девојки и момчиња кои ги врзува времето минато во МКЦ и песните на „Меморија“.

Временската музичка машина на групата стартуваше од самиот почеток, од далечната 1983 година кога на како и сега на истата сцена основачите на бендот, Петар Георгиевски-Камиказа и клавијатуристот Дејан Миноски, заедно со својата сопруга Корнелија, во техно-поп-денс манир ја отворија вечерта со првата снимена песна на тогашното трио: „Моја ли си?“, само сега во нов аранжман и манир, во која Германката Корнелија пееше на македонски јазик.

Концерт на „Меморија“ во МКЦ/ Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Антонио Димитриевски зад тапаните и Дуле Трпковски-Ринго на гитара по 35-годишна пауза, одново засвиреа заедно со Дејан и Камиказа. Сите почести отидоа за првиот пејач на ваквата постава на „Меморија“, Зоран Илиќ – Зоци, кој прв ја испеа „Нена“, а музичарите на сцената и преполната сала ја испратија со аплауз неговата фотографија на големиот екран. „Нена“ прозвуче како во најдобрите времиња, а публиката во еден глас ја пееше со групата.

Концерт на „Меморија“ во МКЦ/ Фото: Слободен печат / Методи Здравев

На сцената се качија и поранешните членови од т.н. трета постава, Нино Бошњаковски на клавијатури, Ицо Јовковски на гитара и вториот вокал на бендот и гитарист, Александар Стефановски – Јаблан.

„Одам засекогаш“ присутните ја пееја заедно со бендот, по што Антонио Димитриевски се заблагодари и ги фрли палките во публиката.

Димитар Мите Димовски на сцената се појави со гитаристот Игор Атанасовски – Харе, а оваа постава ги изведе темите „Жорж“ и „Пробај да ги зартвориш очите“, песни од раниот период на „Меморија“.

Потоа на сцената качија постариот брат на Мите, гитаристот Петар Пеце Димовски и пејачот Драган Драгче Василевски кои за првпат заедно концертно ја изведоа темата „Утра“ од времето на нивното музицирање со „Меморија“.

Втората половина од концертниот времеплов ја свиреше стандардната и актуелна постава која во моментов ја сочинува групата: Покрај ритам сексцијата Перо-Камиказа и Мите Димовски, на клавијатури остана и Давор Јордановски, Апостол Поце Икономов – вокал, Рубин Димковски – гитара и Ристо Самарџиев – вокал.

Во нишката од „музички бисери“ им се придружија Димитар Мичо Божиков на гитара и Александар Хаџипаунов – на клавијатури, а атмосферата во салата се вжешти со безвременските балади „Оган под ѕвездите“, „Зошто Боже“ или „За тебе“.

„Jано“, „Мотори“ и „ Smoke on the water“, како задолжителна рок-ен-рол лектира, „Нашите слики“ заедно со гимназиската химна „Снежо, Снежана“ и мегахитот „Дирлада“ предизвикаа воодушевување кај публиката.

За самиот крај, со „Македонија“ и „Македонските бисери“ во „Дансинг салата“ се случи „експлозија“ од емоции кај публиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот