ФОТО+ВИДЕО | Две незаборавни вечери со македонски рефрени, страст и емоции — кога Глумците пеат, Скопје ја слави уметноста
Во срцето на Скопје, на сцената на Македонски народен театар, годинава повторно оживеа едно од најомилените културни случувања – „Глумците пеат“. Со повеќе од 50 уметници на сцената, ова издание уште еднаш потврди дека кога театарот и музиката ќе се спојат, се создава вистинска сценска магија.
Препорачано
Оваа година, програмата беше посветена на македонската музика, безвременски хитови кои публиката ги знае наизуст, но овојпат добија сосема нова, лична интерпретација. Секој настап беше приказна за себе, исполнета со емоција, креативност и личен автентичен печат во изведбата.

Двете вечери публиката уживаше во моменти кои уште долго ќе се прераскажуваат. Емилија Мицевска привлече огромно внимание со својот настап, појавувајќи се на сцената со гол труднички стомак, симболично спојувајќи ја уметноста со животот, а публиката ја награди со громогласен аплауз. Посебна емоција внесе и Рубенс Муратовски, кој настапи заедно со своите синови, создавајќи интересен спој на млада енергија и долгогодишно искуство на сцената.

Неочекуван пресврт и многу смеа предизвика Тања Кочовска, која иако не беше дел од актерите кои настапија на сцената, сепак во свој препознатлив стил, буквално „упадна“ од публика, симнувајќи се од балконот за да им се придружи на колегите. Тој спонтан и разигран момент ја раздвижи целата сала и предизвика восхит и позитивна енергија меѓу присутните.
Во режија на Дејан Пројковски, а со музичка поддршка од оркестарот на маестро Љупчо Мирковски и аранжманите на Бобан Мирковски, сцената пулсираше со динамика и страст. Покрај веќе етаблираните имиња, блеснаа и нови млади актери како Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска и Катерина Јовановиќ, кои заедно со веќе препознатливите актери, меѓу кои Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска и Наталија Теодосиева, создадоа вечер исполнета со многу музика но и забележителен талент и харизма кај „непрофесионалните музичари“.

Целокупното доживување беше надополнето со впечатлива костимографија и разиграна кореографија, кои на секој настап му дадоа дополнителен визуелен печат, додека хуморот во најавите ја одржуваше атмосферата жива и блиска до публиката.
„Глумците пеат“ не е само претстава, тоа е традиција што трае. Создадена од Марин Бабиќ, денес продолжува да живее преку неговите ќерки, Маја и Ира кои со посветеност го негуваат овој уникатен формат. И оваа година, шоуто уште еднаш покажа дека вистинската уметност не старее, таа постојано се обновува, носејќи нови приказни, нови гласови и уште посилни емоции.











