ФОТО+ВИДЕО | Доделени Британските музички награди: Оливија Дин беше апсолутна победничка на вечерта, Хари Стајлс со спектакуларен настап
Доделувањето на Британските музички награди се одржа синоќа во Манчестер, во арената „Ко-оп лајв“, каде најголемите имиња на британската и светската музичка сцена продефилираа на црвениот тепих и на бината.
Препорачано
Церемонијата ја водеше британскиот комичар Џек Вајтхол, кој со препознатлив хумор и провокативни досетки ѝ даде динамика на вечерта, комбинирајќи гламур, иронија и директни забелешки на сметка на ѕвездите.

Апсолутна победничка беше Оливија Дин, која ги освои сите награди во категориите во кои беше номинирана – изведувач на годината, песна на годината, најдобар поп-изведувач и албум на годината за „The Art Of Loving“. Со четири статуетки, таа ја одбележа вечерта како најуспешен артист.
Вечерта ја отвори Хари Стајлс со сценски прецизна изведба, додека Дуа Липа имаше спектакуларен влез спуштајќи се од таванот на огромна диско-топка. Меѓу највпечатливите настапи беше оној на Росалија со песната „Berghain“, во кој ѝ се придружи и Бјорк, создавајќи драматичен и визуелно силен перформанс.

Емотивен момент донесе Марк Ронсон, кој ја прими наградата за исклучителен придонес и својот говор ѝ го посвети на покојната Ејми Вајнхаус, потсетувајќи на нивната соработка на „Back To Black“.
Роби Вилијамс изведе омаж на Ози Озборн со песната „No More Tears“, додека бендот „Волф Алис“, добитник на наградата за најдобра група, испрати порака за поголема поддршка на независните музички сцени.


