Ристо Крмзов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ФОТО+ВИДЕО | Бизнисменот Крмзов седна на обвинителна клупа

Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов седна на обвинителна клупа во скопскиот Кривичен суд, каде почна судењето против него и други лица и 13 фирми за финансиски криминал.

Ристо Крмзов/ Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Пред Нова година Судот го одобри обвинението против него и уште шестмина и Обвинителен предлог против три лица и 13 фирми. Ќе им се суди за злосторничко здружување, перење пари, даночно затајување, даночна измама, односно дека со фиктивни фактури незаконски зеле речиси 22 милиони евра поврат од ДДВ.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Верица Бержетска-Крстева.

Со цел одбраната на обвинетите да може да извршат увид во доказите и да подготват одбрана, судот првото рочиште го закажа за 27 март кога ќе треба да се почне со воведни зборови. Обвинителката посочи дека над 500 кластери документација одземени од обвинетите се во МВР за што се дава предлог тие да им се вратат на физичките лица од кои се одземени, а да се изведуваат само скенирани документи.

– Од списите во МВР, на секое барање од одбраната за пристап им беше дозволено копирање и екстракција. На доставените цедиња се наоѓаат скенирани сите тие списи, чиј попис е речиси 8 илјади страници. Како во целост, така и по фолдер, со договори, изводи од УЈП и вештачења. Дополнително, и сите записници од сослушување сведоци и обвинети – изјави обвинителката.

Одбраната реагираше дека книговодствената документација мора да биде гледана целосно и во корелација и со доказите предложени од нив, а не само делумно.

– Теоријата на одбраната е токму на фактот дека Обвинителството наведените договори ги гледа на еден начин и го толкува законот на една околност, а за истите тие договори ги применува на друг начин. Токму на таа околност и предлагаме сите докази одземени од правните лица да бидат вратени и ни се дозволи увид за да можеме да се произнесеме и да дадеме правилна одбрана – изјави бранителот.

Ристо Крмзов/ Фото: Слободен печат – Драган Митрески

-За периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано било користено правото на влезен ДДВ. Обвинетите – овластени сметководители, како службени лица, пропуштајќи должен надзор, несовесно постапувале спротивно на Законот за сметководствени работи, Законот за трговски друштва, Законот за данок на додадена вредност и Меѓународните сметководствени стандарди. Постапувајќи по насоки на организаторите, тие ги евидентирале фиктивните фактури за наводни продажби на недвижности и истите ги прикажувале во даночните пријави за ДДВ поднесени до Управата за јавни приходи, со цел неосновано да се бара поврат на данок или да се намали даночната обврска на обвинетите правни лица. Со овие дејствија, во даночните пријави бил прикажан повисок влезен ДДВ во вкупен износ од 4.123.102.931 денари, по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот, при што била прибавена противправна имотна корист преку незаконски поврат на ДДВ и користење на институтот на даночни гаранти. Од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денари. Средствата, за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло. Дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени комплекси. Со износ од 457.785.310 денари биле покривани даночни долгови на обвинетите и на други правни лица- соопшти Обвинителството.

Ристо Крмзов/ Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Заедно со обвинението, доставен е и предлог за одземање и конфискација на предмети, подвижен и недвижен имот што потекнува од кривично дело, а кој претходно со привремени мерки е замрзнат. Инаку Крмзов, е во притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот