Бизнисменот Крмзов ќе седне на обвинителна клупа
Бизнисменот Ристо Крмзов од Струмица наскоро треба да седне на обвинителна клупа во скопскиот Кривичен суд.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против него и уште шестмина и Обвинителен предлог против три лица и 13 фирми, а Кривичниот суд го одобри обвинението.
Сега Судот треба да закаже датум кога ќе им се суди за злосторничко здружување, перење пари, даночно затајување, даночна измама односно дека со фиктивни фактури незаконски зеле околу 22 милиони евра поврат од ДДВ.
-За периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано било користено правото на влезен ДДВ. Обвинетите – овластени сметководители, како службени лица, пропуштајќи должен надзор, несовесно постапувале спротивно на Законот за сметководствени работи, Законот за трговски друштва, Законот за данок на додадена вредност и Меѓународните сметководствени стандарди. Постапувајќи по насоки на организаторите, тие ги евидентирале фиктивните фактури за наводни продажби на недвижности и истите ги прикажувале во даночните пријави за ДДВ поднесени до Управата за јавни приходи, со цел неосновано да се бара поврат на данок или да се намали даночната обврска на обвинетите правни лица. Со овие дејствија, во даночните пријави бил прикажан повисок влезен ДДВ во вкупен износ од 4.123.102.931 денари, по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот, при што била прибавена противправна имотна корист преку незаконски поврат на ДДВ и користење на институтот на даночни гаранти. Од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денари. Средствата, за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло. Дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени комплекси. Со износ од 457.785.310 денари биле покривани даночни долгови на обвинетите и на други правни лица- соопшти Обвинителството.
Заедно со обвинението, доставен е и предлог за одземање и конфискација на предмети, подвижен и недвижен имот што потекнува од кривично дело, а кој претходно со привремени мерки е замрзнат, како и предлог за продолжување на мерката притвор за првообвинетиот, односно укинување на мерката притвор и определување мерки на претпазливост за второобвинетиот.
Кривичната пријава против три лица осомничени за кривични дела Злосторничко здружување, Даночна измама и Перење пари и други приноси од казниво дело и против двајца осомничени за кривично дело Несовесно работење во службата била отфрлена бидејќи не постоело основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела.
-Воедно, списите што се однесуваат на постапувањето на даночните инспектори се доставени на надлежно постапување на ОЈО Струмица- појаснуваат од Обвинителството.
МВР: Уапсениот бизнисмен Крмзов, други 22 луѓе и 15 фирми ја оштетиле државата за 94,3 милиони евра


