Хајди Клум и Бед Бани - Фото: Инстаграм/ justjared

ФОТО+ВИДЕО | Непрепознатливи — Хајди Клум и Бед Бани ги поместија границите на Мет Гала со неверојатни трансформации

На овогодишната Мет Гала, каде модата традиционално ги поместува границите на креативноста, две ѕвезди особено се издвоија со своите радикални и уметнички трансформации, Хајди Клум и Бед Бани. Нивните појавувања не беа само модни избори, туку вистински перформанси во функција на темата на вечерта „Уметноста на костимот“.

Хајди Клум, позната по својата способност за драматични преобразби, овојпат отиде чекор подалеку. Додека многумина избраа впечатливи, но очекувани комбинации, таа се појави како живо уметничко дело, мермерна скулптура покриена со превез. Нејзиниот изглед беше толку убедлив што на моменти изгледаше како да не е човек, туку експонат донесен директно од музеј.

Темата на вечерта, таа ја сфатила буквално. Со лице и тело што делуваа како да се извајани, а не нашминкани, Клум создаде впечаток што повеќе припаѓа во галерија отколку на црвен тепих. За оваа трансформација заслужен е шминкерот Мајк Марино, кој инспирацијата ја пронашол во класични уметнички дела како „Виледа Вестал“ од Рафаеле Монти. За да се постигне ефектот на „ткаенина што не е ткаенина“, користени биле латекс и еластични материјали, што придонело за нереалниот изглед. Резултатот беше истовремено фасцинантен и малку вознемирувачки – како спој на уметност и сцена од хорор-филм.

Хајди Клум / Фото: EPA

Од друга страна, Бед Бани предизвика силни реакции со сосема поинаков, но подеднакво впечатлив пристап. Тој реши да ја истражи темата преку концептот на стареење, трансформирајќи се во постара верзија од себе. Наместо гламур, се појави со хиперреалистични протетски додатоци, брчки, опуштена кожа и старечки дамки кои го покриваа неговото лице, врат и раце. Седата коса и брада дополнително го засилија ефектот.

Својот изглед го заокружи со класично црно одело, голема пеперутка-машна и стап, со што целосно го долови ликот на постар господин. Оваа трансформација не беше само визуелен трик, туку и коментар на темата на изложбата, која се фокусираше на човечкото тело низ историјата на уметноста, вклучувајќи го и процесот на стареење.

Тој кратко изјави дека сакал да направи нешто поразлично и креативно, додавајќи дека вложениот труд се исплател. Со ова, Бед Бани уште еднаш го потврди својот статус на уметник кој не се плаши да експериментира и да ги надминува очекувањата.

Бед Бани / Фото: EPA

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот