ФОТО | Васоски: Вардар – Шкендија е едно големо дерби во македонскиот фудбал

фото: Кочо Сотировски

В недела од 14.00 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, Вардар ќе игра против тетовска Шкендија во 10 коло од Првата македонска фудбалска лига.

Тренерот на скопските „црвено-црни“, Александар Васоски на прес-конференција ги сподели очекувањата во пресрет на утрешниот дуел:

– Натпреварот со Шкендија секако е едно големо дерби во македонскиот фудбал, особено ако се земат во предвид дуелите од пред три-четири години кога и двете екипи беа во конкуренција за шампионската титула. Меѓутоа, за жал сега Вардар е последен на табелата, и овој меч ќе биде доста тежок за нас бидејќи ќе играме со првопласираната екипа во генералниот пласман.

Знаеме дека оваа сезона играме променливо, но ако го земеме последниот меч со Брегалница против која успеавме да земеме бод, можеби требаше и три, така што трендот на тимот оди нагоре. Мислам дека против Шкендија ќе има што да кажеме и секако дека ќе настојуваме да победиме, бидејќи тоа е стилот на Вардар, така и ќе продолжиме во иднина. Освен Николовски кој има жолти картони, другите сите се на располагање, така што очекувам од секој поединец, од тие што ќе почнат и тие што се на клупата максимална ангажираност и Вардар да успее да победи на овој тежок натпревар. Ги повикувам „Комитите“ кои се наш 12 играч да дојдат во што поголем број, да ни ја дадат поддршката – изјави Васоски.

Капитенот на Вардар, Драган Мицевски верува во себе и во соиграчите дека тимот ќе биде на потребното ниво.

– Да се играше во некои понормални времиња, натпреварот меѓу Вардар и Шкендија ќе се одлучуваше кој ќе биде есенски шампион. За жал, реалноста е друга, моментно ние сме во зоната за испаѓање и се бориме да излеземе од неа. Противникот сигурно има свои математики, се бори за прво место, така што мислам дека ќе биде еден интересен натпревар. Според мене, утре нема да победи поквалитетниот, туку тој што ќе има повеќе желба, ќе покаже повеќе карактер на теренот. Јас сум убеден, верувам во себе, верувам во своите соиграчи дека утре во натпреварот ќе бидеме на потребното ниво за клуб каков што е Вардар. Утре треба да знаеме дека играме на домашен терен, а тоа значи да атакуваме на трите бода без разлика кој е фаворит на хартија. Тоа е дерби, сите знаеме дека ваквите мечеви се играат со срце и со желба – вели Мицевски.

фото: принтскрин/ФК Вардар

Воедно на прес конференцијата, еден од првите луѓе на навивачката група „Комити“, Милорад Миленковски го промовираше новиот дизајн на дресот на Вардар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот