ФОТО | Уникатно откритие: Пронајдена е најстарата временска капсула на светот

Фото: Фејсбук/ Muzeum Ziemi Wschowskiej

Полски музеј тврди дека ја пронашол најстарата временска капсула на светот во црковната кула, која содржи монети стари 300 години, латински документи и деформиран оловен куршум.

Капсулата наводно датира од 1726 година, а била откриена за време на реновирањето во црквата Свети Станислав во малиот град Вшов, во западна Полска, објави „Дејли Меил“ (Dailymail).

Староста на капсулата допрва треба да се потврди, но ако навистина е од 1726 година, би ја направила постара од онаа откриена во Бостон, која моментално го држи рекордот за најстара во светот.

Во меѓувреме, градскиот музеј веќе ја претставува како „уникатно откритие“ и „најстарата временска капсула во светот“.

„Најстарата капсула има форма на кутија направена од бакарен лим, на чиј капак е втиснат датумот 1726 година“, наведуваат од музејот, истакнувајќи дека се состои од четири „пакети“ – од 1726, 1786, 1884 и 1914 година.

Во еден од пакетите, музејските конзерватори пронашле пергамент напишан на латински, а кога бил преведен, се покажало дека во него станува збор за разорниот пожар што го зафатил градот и ја претворил црквата во пепел.

„Дното е прободено од оловен куршум од мал калибар кој бил пронајден во кутијата. Во помалата кутија имало монети завиткани во весник во две посебни пакувања“, откриваат од Музејот, чии експерти сега детално ќе ја испитаат содржината на „капсулата“.

Во текот на 18 век, градот Вшов служел како втор, „неофицијален главен град на Полска“. Во 1793 година станал дел од Кралството Прусија, а по Втората светска војна се вратил во Полска.
Инаку, најстарата временска капсула во Европа досега е исто така откриена во Полска во 2020 година и датира од 1797 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот