Никола Перевски - Пере / Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

ФОТО | Три децении љубов со „Нокаут“ — концерт што ќе се памети

Музиката на бендот „Нокаут“ е љубов, топлина, нежност, суштина… Со безвременските „Лебедот бел“, „Знаеш каде да ме најдеш“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“… вчеравечер ја прославивме зрелоста на бендот со кој израснаа многу генерации — 30 години „Нокаут“!

– Изминатиов период се појавуваа различни бендови со по некоја песна и исчезнуваа. Навистина, не е ни малку лесно да се опстои на сцената. Ние сме со вас 30 години. Триесет години многу љубов и емоции, имам измешани чувства. Ви благодарам што сте вечерва тука, за заеднички да прославиме и да пееме – рече фронтменот на бендот, Никола Перевски – Пере.

Никола Перевски – Пере / Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

На заокружувањето на трите децении, „Нокаут“ одлучија сцената да ја поделат со постарите и помладите колеги и соработници. Огромно воодушевување кај публиката предизвика композиторот Дарко Димитров, кој во дует со Пере ја испеа песната „Дај ми знак“.

– Дарко, ти благодарам за сите убави песни што ни ги направи – му се обрати јавно пејачот.

Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

Уште еден убав дует се случи и помеѓу „Нокаут“ и „Дупер“.

– Ве слушаме од деца, растевме со вашата музика. Ова што вечерва ја делиме сцената за нас значи многу. Ви го честитаме роденденот, да постоите уште најмалку 30 години – рече Илчо од „Дупер“.

Пред бројната публика беше изведена и песната „Месечевиот сјај“ со Миа Перевска, ќерката на Пере. Голема радост предизвика и појавувањето на Влатко Лозаноски.

Борис Какуринов од „Дупер“ / Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

Шоуменот Игор Џамбазов, сосема очекувано, направи вистински спектакл и вечер за паметење за присутните.

Прегратки на сцената и ново воодушевување се случи и со појавувањето на Дарко Гелев – Брејк.

– Вие „не сте нормални“ – повторуваше Брејк под силни импресии од начинот на кој го пречека салата и како во еден глас се пееја неговите песни, некои и од пред 18 години.

Пере со ќерка му Миа / Фото: „Слободен печат“/Методи Здравев

Песната „Временска машина“ го затвори концертот, со надеж кај многумина дека ќе се врати диско-ритамот.

Изразот на лицата на публиката која ја напушташе салата беше исполнет со среќа, радост и возбуда.

„Нокаут“, ви благодариме што постоите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот