ФОТО | Скопски џез фестивал 2025: Музичките сладокусци синоќа уживаа во концертите на Анджеј Јагоѓински трио и Националниот џез оркестар
Со концертот на реномираниот полски пијанист, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински, кој на сцената на Националната опера и балет се појави со своето трио, синоќа се отвори 44. издание на еден од најзначајните културни настани во регионот и Европа – Скопскиот џез фестивал.
Препорачано
Салата беше исполнета до последното седиште, па дури и скалилата, од вистинските љубители на современиот џез, но и оние што почитуваат квалитетни културни настани – нешто што особено му е потребно на нашиот главен град.

Фестивалот официјално го отвори уметничкиот директор Оливер Белопета и накусо ја претстави богатата програма во која се вклучени повеќе реномирани имиња од џез музиката, како и филмските проекции на музички документарци. Тој се заблагодари за соработката со амбасадите на Полска и на Австрија за организацијата на двата концерти, кои Белопета ги најави на отворањето.

„Во целата програма, музиката е многу разновидна на сите концерти. Секако, тоа доаѓа под капата на џезот. Тоа е цело стилско шаренило и јас би рекол, богатство. Така што, тешко можат уметниците да се споредуваат еден со друг, освен по успехот во своите кариери“, заклучи Белопета.
Концертот на Јагоѓински трио, во чиј состав се и Адам Цегелски на контрабас и Чеслав Бартковски на тапани, започна во 20:30 часот, а публиката имаше можност да ужива во виртуозната џез интерпретација на класичните делата од Јохан Себастијан Бах и од Фредерик Шопен.

Тројцата извонредни и искусни музичари вешто ги проткајaа нотите на џез музиката во класичните маестрални дела како, „Partita in C minor“ на Бах, „Prelude in E Minor“, „Nocturne in E-flat major“, „Mazurka in E minor“, и како што самиот Јагоѓински нагласи, задолжителната „Sonata in B minor“ на Шопен.
По завршувањето на првиот концерт директорот на фестивалот ја врачи и традиционалната награда за најдобар џез музичар за изминатата година, која му беше доделена на младиот пијанист, композитор и аранжер Гордан Спасовски, кој е дел од Националниот џез оркестар.

„Огромна благодарност до ‘Скопскиот џез фестивал’ за оваа награда. Чест е да се биде дел од оваа приказна, а уште поголема благодарност што го покани Националниот џез оркестар да биде дел од фестивалот. Тоа е огромна чест, задоволство и признание“, рече Спасовски.
Отворањето на фестивалот продолжи со концертот на Националниот џез оркестар, кој по плејадата најдобри светски оркестри, доби можност да настапи во рамките на оваа музичка манифестација, заедно со специјалните гости Зиги Фајгл и Луис Бониља.
„Националниот џез фестивал се покажа како исклучително вреден и веќе афирмиран и на пошироките простори како најдобриот биг бенд“, заклучи Белопета.

Под водство на австрискиот диригент Фајгл и звуците од тромбонот на Бониља, музичарите на Националниот џез оркестар успеаја да внесат во просторот музика полна со енергичност, раздвиженост, но и длабока емоција.
Во час и половина беа изведени композиции кои самиот гостин, Бониља ги компонирал, а меѓу нив беа „Hey, boss“, посветена на неговиот прерано починат колега Џим Ротонди од Њујорк, со кого работел на Универзитетот во Грац, „Elise“, посветена на ќерата на Бониља, како и композицијата „А, а, а“.
Концертите на Скопскиот џез фестивал продолжуваат и денеска, како и во следните денови сè до неговото затворање во недела.
Во програмата доминираат американски музичари. Така, во една вечер може да ги слушнете легендарниот гитарист Марк Рибо и Кахил Ел Забар. На финалната вечер, пак, не случајно, ќе се најдат Вадада Лио Смит, недвојбено денес најголемиот жив американски џез-музичар, и Џејмс Брендон Луис, неодамна прогласен за музичар и тенор саксофонист на годината. Возбудлива ќе биде и европската вечер, со последното ремек-дело на Горан Кајфеш Тропик и квартетот на Јан Банг и Арве Хенриксен, со специјалниот проект што пред две години со голем оркестар беше за првпат изведен токму во Скопје, а сега издаден и на плоча.





