ФОТО | Златен јазик во устата: Мумифицираното „Златно момче“ пронајдено со 49 скапоцени амајлии

Фото: Frontiers Press

Истражувачите во Египет пронајдоа мумија на момче кое е погребано со бројни драгоцености, пишува „Си-ен-ен“, според студијата објавена во вторникот во списанието „Frontiers in Medicine“.

Станува збор за тинејџер кој починал пред 2.300 години во Египет, по што бил мумифициран и погребан со 49 амајлии и златна маска, за овие драгоцености да го „однесат во задгробниот живот“.

Фото: Frontiers Press

Истражувачите ги откриле амајлиите поставени на и внатре во телото на мумифицираното „Златно момче“ кога користеле скенирање со компјутеризирана томографија за дигитално да ги одвиткаат посмртните останки без да ги нарушат.

Посмртните останки првпат биле откриени уште во 1916 година на гробиштата наречени Наг ел-Хасеј, кои биле користени помеѓу 332. и 30 година п.н.е., а се наоѓаат во јужниот дел на Египет.

Илјадници зачувани тела, од кои многу се сè уште во нивните оригинални ковчези, беа ископани во Египет во 10-тиот и почетокот на 20-тиот век пред да бидат преместени во Египетскиот музеј во Каиро, меѓутоа, мумијата на момчето, како и на многу други, не беше анализирана по нејзиното откривање, па завршила во музејскиот подрум.

Иако научниците се заинтересирани за човековото здравје уште од дамнешни времиња, како и за верувањата на древните Египќани, одвиткувањето на мумифицираните посмртни останки е деструктивен процес. Во последниве години, истражувачите користеа КТ скенирање за да „ѕирнат“ под завоите, но истовремено да ги задржат телата недопрени.

Фото: Frontiers Press

Посмртните останки на „Златното момче“ биле ставени во два ковчези. Надворешниот бил едноставен и содржел грчки букви, додека внатрешниот древен саркофаг имал шари и позлатено лице.

Со скенирање на мумијата, истражувачите откриле 40 амајлии со 21 различен дизајн, вклучувајќи златен јазик во устата и златен скарабеј во срцето. Старите Египќани верувале дека тоа може да помогне во транзицијата кон задгробниот живот.

Се верува дека момчето е на возраст меѓу 14 и 15 години, а истражувачите пронашле и позлатена маска за глава, како и заштитна обвивка над неговото торзо. Отстранети му биле сите органи освен срцето, додека мозокот му бил заменет со смола. На стапалата има бели сандали, додека телото е завиткано во папрати.

Фото: Frontiers Press

Иако причината за смртта не е откриена, познато е дека момчето било високо 128 сантиметри и имало лице во овална форма, мал нос и тесна брада. Неговиот идентитет е непознат, а хигиената на забите му била добра. Процесот на мумифицирање е изведен квалитетно, а драгоцените талисмани се показател за неговиот висок социо-економски статус.

Фото: Frontiers Press

Златниот јазик бил ставен така што „да може да зборува во задгробниот живот“, а амајлијата значела дека божицата Изис ќе го штити неговото тело. Амајлиите направени од пердуви од сокол и ној ги претставувале духовните и материјалните аспекти на животот.

„Златното момче“ е преместено во главната изложбена сала во Египетскиот музеј, а ќе биде опкружено со КТ снимки за да им овозможи на посетителите подобар увид во процесот на мумификација и ритуалите на старите Египќани.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот