Фото: Handout / AFP / Profimedia

ФОТО | Пронајден редок рубин тежок 11.000 карати во Мјанмар

Во Мјанмар е пронајден редок рубин тежок дури 11.000 карати, што го прави втор најголем рубин по тежина некогаш откриен во оваа азиска земја, објавија државните медиуми, а пренесе „Асошиејтед прес“.

Скапоцениот камен, тежок околу 2,2 килограми, бил пронајден во близина на градот Могок, во регионот Мандалеј – област позната како срцето на индустријата за рубини и скапоцени камења во Мјанмар.

Според државниот весник „Глобал њу лајт оф Мјанмар“, рубинот бил откриен во средината на април, веднаш по традиционалниот новогодишен фестивал.

Иако е речиси двојно помал од легендарниот рубин од 21.450 карати пронајден во 1996 година, експертите сметаат дека новото откритие има поголема вредност поради неговиот квалитет и боја.

Фото: Handout / AFP / Profimedia

Рубинот има виолетово-црвена нијанса со жолтеникави тонови, висока класа на боја, умерена транспарентност и исклучително рефлектирачка површина.

Мјанмар произведува околу 90 проценти од светските рубини, најмногу од регионите Могок и Монг Хсу. Трговијата со скапоцени камења, легална и нелегална, претставува еден од главните извори на приходи во земјата.

Во изминатите години бројни организации за човекови права, меѓу кои и британската организација „Глобал витнес“, ги повикаа светските златари и компании да престанат да купуваат камења од Мјанмар, тврдејќи дека индустријата со децении претставува важен финансиски извор за воените власти.

Регионот каде што е пронајден рубинот со години е погоден и од вооружени конфликти. Градот Могок во 2024 година беше преземен од герилската група Таанг националноослободителна армија, која ја претставува етничката заедница Палаунг. Подоцна контролата врз рудниците повторно ѝ била предадена на армијата на Мјанмар како дел од договор за прекин на огнот посредуван од Кина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот