На промоцијата на монографијата за Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

ФОТО | Промоција на монографијата за Кире Костов: „Со мојата мама Кармен се љубеа толку искрено и детски“, напиша Ана Костадиновска во книгата

Кога треба да зборувам за љубовта на мојот живот е многу лесно и многу тешко. Со мојот Кире, животниот пат беше музика, возбудлива, радосна, а некогаш и тажна“, напиша Кармен Костова во монографијата за нејзиниот сопруг, славниот композитор Кире Костов која се промовираше завчера во „Литература.мк“ во Скопје, чиј издавач е таа.

На промоцијата на монографијата за Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

Книгата ја напишаа музикологот Марко Коловски и професорката по пијано и музичка публицистика Снежана Чадиковска-Анастасова.

Љубовта на Кармен и Кире Костови започнала во Битола, кога таа имала 18, а тој 19 години. Кармен и Кире учеле заедно во средното музичко училиште. На секој одмор помеѓу часовите тој им ги свирел хитовите на „Битлси“, Арета Френклин, Тина Тарнер, Арсен Дедиќ и други. Кармен Костова е пензионирана професорка по пијано, а и нивните две ќерки се определија за музика. Нина Костова-Јаневска е пијанист и професор по пијано, а Ана Костадиновска професор по пеење и придружен вокал на повеќето македонски поп-ѕвезди и манифестации. Ана во знак на почит кон татко ѝ, собра сила и ја поддржа мајка си на промоцијата, само еден ден откако почина нејзиниот пријател Владимир Блажев – Панчо од „ДНК“, кој настрада во пожарот во Кочани на 16 март, каде што пееше и таа.

На промоцијата на монографијата за Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

Во нашиот дом постојано ечеше песна. Татко ми на клавир – на гитара, мајка ми на клавир. Сите пеевме, а неретко во нашиот дом гостуваа пејачи, тогашни популарни југословенски ѕвезди. Со неговата Мела, мојата мама се љубеа толку искрено, детски и длабоко, што за мене беа сведоштво на љубов, заемна посветеност и јадрена поврзаност“, напиша Ана Костадиновска во монографијата за својот татко.

Тато, на сѐ се сеќавам. Се сеќавам на твојот мирис, како ме учеше да одам, моите стапалца на твоите стапала“, се присети Нина Костова-Јаневска. Нејзината ќерка Елена Јаневска за својот дедо напиша:

Ти беше човекот што ме учеше на вредностите на животот. Секој ден без тебе е празен, но знам дека твојот дух продолжува да живее во мене.“

На промоцијата на монографијата за Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

Марта, ќерката на Ана Костадиновска, со емотивни зборови го опиша својот дедо:

„Се сеќавам, кога бев мала дедо ми не го доживував како врвен музичар, туку за мене тој беше моето омилено другарче.“

Книгата има околу 250 страници и е насловена „Летај низ солзи мој, галебе мој тажен“. Насловот го доби по безвременскиот хит што го пее Верица Ристевска. На корицата, акорди и насловот на песната се отпечатени со оригиналниот ракопис на Кире Костов.

На промоцијата на монографијата за Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

Многу музички легенди беа на промоцијата, а меѓу нив и Верица Ристевска, Славе Димитров, Зорица Поп-Панкова, Ванчо Димитров, како и Лидија Кочовска, Мартин Вучиќ, Елена Ристеска, Дарко Димитров, Александар Митевски и многу други. Дел од нив се соговорници во книгата и секој има свој уникатен спомен со „чичко Кире“, како што Каролина Гочева и Лидија Кочовска го нарекуваат човекот што им ги напиша првите песни.

На промоцијата за монографијата на Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

Монографијата е поделена во два дела. Првиот дел е за животот на Кире Костов со повеќе соговорници, неговите пријатели и соработници. Вториот дел е анализа на делата на Костов како трубач, композитор, педагог и диригент на џез-оркестарот на Факултетот за музичка уметност.

На промоцијата на монографијата за Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

Кире беше толку скромен, за неговата големина како музичар никогаш не зборуваше. Кога и да напишал некое големо дело, тоа за него беше како да се напил чаша вода и да отишол да се прошета во паркот. Кире Костов е автор на музика за седум телевизиски серии и две театарски претстави“, рече коавторката Снежана Чадиковска-Анастасова.

Музикологот Марко Коловски рече дека подготовката за книгата траела една година и дека направил десетина илјади скенови на разни документи.

„Многу сум благодарна што низ мојот живот поминав со еден голем композитор, автор, надарен човек од една страна, од друга страна многу топол човек со широко срце“, рече Кармен Костова на промоцијата.

На промоцијата за монографијата на Кире Костов/Фото: „Слободен печат“

Промоторот на монографијата беше професорот и музички публицист Александар Трајковски. На крајот се обрати и пријателот и соработник на композиторот, д-р Миодраг Врчаковски. Тој пушти оригинална снимка од него и од Кире Костов во студио, како се договараат за заедничка музика и текст. Врчаковски го напиша текстот за „Летај галебе“ и многу други.

Музиката е живот, животот е музика“, беше еден од омилените цитати на Кире Костов, кој за крај го кажа водителката на промоцијата, Живкица Каленикова.

„Вирусот мислеше може да ме спречи, но примив инфузија само да бидам на ниво на задачата, оти голема е почитта кон ликот и делото на нашиот маестро Кире Костов“, напиша таа на социјалните мрежи по промоцијата.

Најубавите песни од Кире Костов ќе бидат испеани на 11 ноември, на голем концерт со оркестар во Националната опера и балет, во организација на „Баги комуникации“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот