Фото: Фејсбук/ Melody Thor Hennessee

ФОТО | Продале сè за да живеат на брод за крстарење до крајот на нашиот живот: Поевтино е отколку да живееме на копно

Американците Џон и Мелоди Хенеси ја продале својата куќа во Флорида, нивната компанија и најголемиот дел од нивните средства во 2020 година и решиле да патуваат. Меѓутоа, сега не живеат на копно, туку нивниот дом е бродот за крстарење и секој ден се закотвуваат во различно пристаниште. Отпрвин сакале да живеат во кампер и да ги истражуваат САД, но набрзо им здосадило постојано да возат, пишува „Њујорк пост“ (NY Post).

Џон тогаш наишол на реклама на Фејсбук за 274-дневно крстарење со „Ројал Карибиан“ (Royal Caribbean) и решил да се пријави за деветмесечното патување.

Оттогаш, парот отпатувал во Австралија, Нов Зеланд, краеви во Јужниот Пацифик – и моментално пловат околу Доминиканската Република. Нивниот живот сега е повозбудлив, но и поевтин, тврдат тие.

– Сега имаме сметка за телефон, сметка за брод и неколку сметки за кредитна картичка кога одиме на брегот, но тоа е сè – изјавил Џон за „Скај њуз“ (Sky News).

– Немаме веќе хипотека или куќни трошоци. Веќе немаме осигурување на автомобил, осигурување на имот или сметки за комунални услуги. Списокот продолжува – открива гордиот патник.

Двојката обично се населува на некоја дестинација и ја истражува три до пет дена. Тие често истакнуваат дека патувањето низ светот на брод е економично и забавно.

– Крстарењето е всушност поевтино од живеењето на копно. Сега трошоците ни се околу половина од она што го трошевме кога живеевме на копно – велат тие.

Имаат план за патување за цела наредна година, а наскоро планираат да се качат на резиденцијалниот брод за крстарење Вила Ви, на кој купиле кабина.

– Сакавме да купиме кабина за да ја дизајнираме како што сакаме. Тоа ќе биде наш дом, планираме да останеме на тој брод најмалку 15 години – изјави Мелоди.

Вила Ви е еден од првите ол инклузивни бродови за крстарење што нуди постојан престој – околу 30 отсто од патниците на бродот ќе бидат постојани жители, а 85 отсто од патниците се Американци.

Бродот сѐ уште е во изградба и има внатрешни кабини по цена од 89.593 евра и оние со балкони со поглед на океанот околу 225.340 евра, а има месечен надомест од речиси 7.239 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот