Фото: Profimedia

ВИДЕО | Познатиот рокер откри дека има рак во четврта фаза: „Не се плашам бидејќи Бог е со мене“

Главниот пејач и тапанар на групата „Три дорс даун“, Бред Арнолд, откри дека му бил дијагностициран рак во четврта фаза. Поради неговата болест, групата мораше да ја откаже најновата турнеја, а Бред се огласи на социјалните мрежи во средата.

„Поздрав до сите, јас сум Бред од бендот ‘Три дорс даун’. Се надевам дека ви е одличен денот. Имам не толку добри вести за вас денес“, започна тој.

Откри дека му бил дијагностициран светлоклеточен карцином на бубрежните клетки, вид на рак на бубрезите. Болеста му била откриена пред неколку недели, откако се разболел и отишол во болница.

Тогаш лекарите откриле дека ракот веќе напредувал до четвртата фаза и се проширил на белите дробови.

„Бев болен пред неколку недели, потоа отидов на преглед во болница и добив дијагноза дека имам светлоклеточен карцином на бубрежните клетки кој метастазирал на белите дробови. Во четврта фаза е, а тоа не е баш добро“, рече тој.

И покрај тешката болест, познатиот музичар рече дека воопшто не се плаши од дијагнозата.

„Но, знаете што? Му служиме на моќен Бог, а тој може да го совлада сè. Затоа не се плашам. Навистина, искрено не се плашам од тоа“, додаде тој.

Рече и дека групата мора да ја откаже претстојната турнеја што требаше да започне на 15 мај во Дејтона Бич. „Ова ќе нè принуди да ја откажеме нашата турнеја ова лето. Ни е жал за тоа“, порача и додаде дека можеби е време да ја слуша нивната песна „It’s Not My Time“, која ја спомена и во описот на објавата.

„Ви благодарам за сите спомени досега. Сега верувам дека ’Не е моето време‘ навистина е моја песна. Ова ќе биде битка, па ни требаат нашите воини на молитвата! Ви благодарам што сте најдобри обожаватели на светот. Ве сакаме сите!“, напиша тој.

По неговата објава, сите датуми од турнејата беа отстранети од официјалната веб-страница на бендот. Наместо нив е објавен текст со наслов „Порака од Бред“, кој ги води обожавателите до видеото што го објавил.

„Три дорс даун“ стана познат во 2000 година со песната „Kryptonite“. Оваа музичка група е основана во 1996 година, а оригинални членови се Арнолд, гитаристот Мет Робертс и басистот Тод Харел. Две години по основањето, на бендот му се приклучи гитаристот Крис Хендерсон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот