Фото: Wildlife Photographer of the Year / Нимa Сарикани

ФОТО | Поларна мечка на санта мраз: Фотографијата која му донесе престижна награда на британски фотограф

Прекрасна фотографија од млада поларна мечка која спие на санта мраз му ја донесе наградата наречена „Фотограф на дивиот свет на годината“ (Wildlife Photographer of the Year), на британскиот аматерски фотограф Нимa Сарикани, пишува Би-би-си.

„Неверојатната и потресна фотографија на Сарикани ни овозможува да ја видиме убавината и кревкоста на нашата планета. Неговата фотографија нè тера на размислување и е остар потсетник на интегралната врска помеѓу животните и нивните живеалишта и служи како визуелен приказ на штетните влијанија на глобалното затоплување и губењето на живеалиштата“, изјавил д-р Даглас Гур, директор на Природонаучниот музеј во Лондон.

Сарикани ја направил фотографијата на третиот ден од потрагата по поларни мечки во густата магла на норвешкиот архипелаг Свалбард.

Љубителите на фотографии од дивиот свет и природата од целиот свет гласаа и ја избраа оваа фотографија како најдобра од 25-те понудени. Четири други финалисти добија високи пофалби.

Захи Финкелстин фотографирал птици кога во плитката вода здогледал желка на чиј нос во еден момент слетало вилинско коњче.

Фото: Wildlife Photographer of the Year / Захи Финкелстин

Даниел Денческу поминал часови следејќи ги сколовранците низ Рим и неговите предградија. Во еден зимски ден без облаци, тој фотографирал јато кое формирало облик на огромна птица.

Фото: Wildlife Photographer of the Year / Даниел Денческу

Марк Бојд направил фотографија од две лавици како чистат младенче по враќањето од лов.

Фото: Wildlife Photographer of the Year / Марк Бојд

Фотографијата на поларната светлина и медузата во студените води на фјорд во близина на Тромс во северна Норвешка е дело на Аудун Рикардсен, кој користел сопствен систем за приспособување на фокусот и отворот на блендата при една експозиција.

Фото: Wildlife Photographer of the Year / Аудун Рикардсен

Петте фотографии ќе бидат изложени онлајн, како и во Природонаучниот музеј во Лондон до 30-ти јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот