ФОТО | Плутон повторно планета? Преслатко писмо на 10-годишната Каела го омекна срцето на НАСА
Дебатата која трае уште од 2006 година, дали Плутон треба да биде планета или не, повторно се разгоре, а овојпат главниот збор го има едно 10-годишно девојче по име Каела. Нејзиното искрено, рачно напишано писмо упатено до НАСА стана вирален хит на социјалните мрежи, а одговорот што го доби од вселенската агенција ги изненади сите.
Препорачано
Прочитајте го писмото на Каела во целост:
„Драга Н.А.С.А…
Ве молам, направете го Плутон повторно планета. Навистина сакам повторно да биде планета. Еве неколку причини зошто Плутон треба да биде планета повторно:
1. Тоа е дел од нашиот сончев систем и порано беше планета
2. Тоа е планета-џуџе и заслужува да биде вистинска планета
3. Тоа би усреќило многу луѓеМожеби тоа не е ваш избор, но ако е, ве молам, ве молам, ве молам, направете го планета. Тоа би ме направило многу, многу, многу среќна. Ако не можете да го направите вистинска планета, ве молам барем сметајте го за планета. И извинете ако мојот ракопис или правопис е тежок за читање. Како и да е, тоа би ме усреќило мене и моите пријатели. Еве неколку факти за да докажам дека знам нешто за Плутон.
1. Плутон е планета-џуџе
2. Плутон се наоѓа во Кајперовиот појас
3. Плутон е откриен во 1930 година од Клајд Томбо
4. Плутон е помал од Месечината на Земјата
5. Плутон има пет познати месечини
Ви благодарам НАСА, чао!“

Иако научните дефиниции се строги, овојпат приказната доби неочекуван пресврт. Администраторот на НАСА, по трогателната објава, кратко и јасно одговори на социјалните мрежи:
„Каела – го разгледуваме ова.“

Статусот на Плутон како планета не го одредува НАСА, туку Меѓународната астрономска унија – меѓународното тело што ги утврдува официјалните дефиниции и класификации во астрономијата. Токму оваа организација во 2006 година донесе одлука за нова дефиниција на „планета“, според која Плутон беше прекласифициран во „џуџеста планета“. НАСА, како научна и истражувачка агенција, нема формална улога во ваквите одлуки, иако дел од нејзините научници имаат поинакви ставови за статусот на Плутон.
Објавата за писмото на Каела веднаш се прошири на платформите како Инстаграм и Икс, каде илјадници луѓе го поддржаа нејзиното „движење“. Коментарите како „Плутон за мене секогаш ќе биде планета“ станаа доминантни, покажувајќи дека светот сè уште има емотивна врска со ова далечно небесно тело.


