ФОТО | Љубовната приказна на Србинот и убавата Македонка остава без здив и по 37 години: Писмото е нем сведок на љубовта која никогаш не згаснала
Во куќата во која живеел во Кладово, Србија, Лука Босниќ (22) сосема случајно пронашол стара, прашлива кутија која со години никој не ја отворил. Кога ѕирнал внатре, нашол куп пожолтени, мистериозни писма. Почнал да ги „спојува коцките“ и брзо открил тајна што неговиот татко ја чувал со децении.
Препорачано
– Во кутијата најдов многу стари фотографии од неговата младост, но и десетици писма и разгледници од 1985 година. Видов дека му пишувала некоја девојка од Македонија. Сфатив дека нивното допишување траело долго, имаше навистина многу писма. Не можев да издржам, а да не го прашам да ми раскаже повеќе за неа, затоа што содржината беше многу емотивна и трогателна. Се гледаше дека биле многу заљубени – ја започнува приказната Лука за српски „Телеграф“.

Љубов на прв поглед
Како што подоцна му раскажал татко му, тој и Македонката Емилија се запознале на работна акција на Ѓердап. Тој бил инструктор по пливање и токму тој ја учел да плива. Во кампот поминале еден месец и таму меѓу нив се родила љубов. За жал, морале да се разделат, но тоа не ги спречило да продолжат да се сакаат и да си пишуваат.
– Таа морала да се врати во Македонија, ја чекал факултетот и нивната љубов се свела само на писмата. Се допишувале цели четири години, а потоа конечно дошло и до средба. Татко ми за својот роденден отишол кај неа во Скопје и токму тогаш имало концерт на групата „Леб и сол“. Бил таму неколку дена и заедно отишле на концерт. Интересно ми беше што оделе со велосипеди, бидејќи немало ноќен превоз. Додека ми го раскажуваше тоа, се гледаше колку му е тешко и колку му недостасува тоа време кое постоело, а денес веќе го нема – објаснува Лука.

Последното писмо
За Емилија Георгиева, родена 1968 година, веќе 37 години нема никаква трага. Нивното допишување одеднаш престанало. За време на разговорот со редакцијата на српски „Телеграф“, Лука во рацете држеше едно писмо – последното што татко му Горан го напишал за Емилија, но никогаш не го испратил. На тој лист се испишани зборови што никогаш не стигнале до убавата Македонка. Писмото е напишано во Пула.
– Здраво Емилија, дојде време и јас конечно да ти се јавам како морнар. Овде сум веќе 4 дена и добро е. Полека се навикнувам и нема проблеми. Еми, не знам зошто воопшто не ми пишуваш од август и те молам одговори ми, не знам што се случува со тебе. Заклетвата ја имам на 6. и 7. јануари. Поздрави ги многу Милка, тато и мама! Од војникот морнар Горан. Ти испраќам многу морски поздрави од синиот Јадран, од Пула. Пиши ми! – стои во писмото напишано на 18 декември 1989 година.
До моментот кога го напишал ова писмо, поминале неколку месеци откако Горан чекал одговор од Емилија. Кога сфатил дека одговор нема да дојде, решил писмото никогаш да не го испрати.

Тргна во потрага по Емилија
Лука сакал да дознае што се случило со Емилија и преку социјалните мрежи се обидел да ја пронајде. Иако многу луѓе преку ТикТок слушнале за оваа приказна, за жал, сè уште не успеал да дојде до неа.
– Кога видов колку му значи на татко ми таа прва љубов, која и ден-денес ја памети, направив видео на ТикТок. Луѓето буквално почнаа да ја бараат. Приказната им е многу интересна. До денес не дознав што се случило со неа, каде е, дали е добро, дали е жива … Ништо не знам, а навистина би сакал да дознаам нешто за неа, исто како и татко ми – вели Лука.

Роден во „погрешно време“
Лука вели дека во музиката го наоѓа својот „бег од реалноста“ и дека има чувство како да е роден во погрешно време.
– Носталгијата за тоа време најчесто ја доживувам преку музиката. Музиката ме враќа во време кое никогаш не сум го живеел, но преку приказните на татко ми чувствувам како тоа време да живее во мене – раскажува тој.
Негово хоби е и собирање грамофонски плочи, а почнал и да свири гитара.
– Омилени групи ми се „Дивље јагоде“, „Црвена јабука“, Бајага, „Рибља чорба“. Татко ми тогаш собирал плочи, па ми подари неколку, а потоа јас сам купив уште многу. Навистина уживам да слушам музика на грамофон. Ми се чини дека сè било побавно, поискрено и дека луѓето биле потрпеливи. Чекале по неколку дена писмото да стигне до саканата личност и уште неколку дена за одговор. Мислам дека затоа љубовта траела подолго и била поискрена. Јас тоа никогаш не сум го доживеал. Живеам во време на телефони и социјални мрежи, каде сè е брзо и „на клик“ – заклучува Лука.


