Маршалски Острови - Фото: Wikimedia Commons

ФОТО | Овие земји се најмалку посетени во светот – недопрена природа, помалку гужви и пониски цени

Додека дестинации како Париз, Барселона и Рим често се преполни и скапи, на другиот крај од туристичката мапа постојат места што годишно ги посетуваат само неколку илјади луѓе. Меѓу нив се Кирибати, Маршалски Острови, Ниуе, Микронезија и Монсерат.

Патувањата, без разлика дали се деловни или туристички, денес се важен дел од современиот живот и значаен двигател на економијата во многу земји. Најголем број туристи и понатаму привлекуваат земји како Франција, Шпанија и Соединети Американски Држави, додека меѓу градовите се издвојува Бангкок, кој годишно го посетуваат околу 22 милиони луѓе. На второ место е Париз со повеќе од 19 милиони меѓународни пристигнувања.

Сепак, паралелно со масовниот туризам постои и друга страна на глобалните патувања – дестинации што остануваат надвор од главните туристички текови. Причините се бројни: географска оддалеченост, високи трошоци за патување, недоволно развиена инфраструктура, како и перцепции за безбедност или политичка стабилност. Особено погодени се малите островски држави во Пацификот, до кои често е тешко и скапо да се стигне.

Стручњаците истакнуваат дека помалиот број посетители не значи и послабо туристичко доживување. Напротив, многу од најмалку посетените земји нудат недопрена природа, помалку гужви и поавтентично искуство, често и по пониски цени во споредба со популарните дестинации.

Кирибати

Според податоците на Светска туристичка организација на Обединетите нации, титулата за најмалку посетена земја ја носи Кирибати. Оваа пацифичка држава имала околу 2.000 посетители во 2022 година, што е значителен пад во однос на периодот пред пандемијата. Причините вклучуваат последици од ковид, ограничена инфраструктура и сè поизразени климатски промени.

Кирибати – Фото: Притнскрин/ Јутјуб
Кирибати – Фото: Притнскрин/ Јутјуб

И покрај тоа, Кирибати нуди извонредни природни убавини. Морските екосистеми привлекуваат љубители на нуркање и недопрена природа, додека заштитеното подрачје на Феникс Островите е на листата на светско наследство на УНЕСКО. Сепак, пристигнувањето останува предизвик поради ограничените и нередовни авионски линии.

Маршалски Острови

Покрај Кирибати, меѓу најмалку посетените се и Маршалските Острови, кои и пред пандемијата имале само неколку илјади туристи годишно, а сè уште се опоравуваат. Овие острови се познати по богатата морска флора и фауна, но и по историјата поврзана со Втора светска војна и нуклеарните тестирања.

Маршалски Острови – Фото: Flickr/Stefan Lins

Ниуе

Меѓу ретко посетените дестинации е и Ниуе, самоуправна островска држава во слободна асоцијација со Нов Зеланд, која се издвојува по отсуството на масовен туризам. Посетителите тука не се соочуваат со гужви и метеж, туку уживаат во мир и едноставен начин на живот.

Ниуе – Фото: Wikimedia Commons

Микронезија

Микронезија, сместена меѓу Маршалските Острови и Палау, нуди слична комбинација од природни убавини и историски локалитети, вклучувајќи и потонати бродови од Втората светска војна.

Микронезија – Фото: Flickr/Asian Development Bank

Монсерат

Од друга страна, Монсерат е пример за дестинација чиј туризам бил сериозно погоден од природни катастрофи. По разорната ерупција на вулканот во 1995 година, голем дел од островот бил напуштен.

Монсерат – Фото: Wikimedia Commons

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот