ФОТО | Првата жена, првиот Афроамериканец и првиот Канаѓанец на Месечината се дел од посадата која влегува во историјата
НАСА е пред ново историско поглавје во истражувањето на вселената. „Мисијата Артемис 2“ означува враќање на летови со човечка посада кон Месечината првпат по повеќе од половина век.
Препорачано
Покрај огромното техничко значење, оваа мисија носи и силна симболика, бидејќи во посадата се првата жена, првиот Афроамериканец и првиот астронаут кој не е од САД, туку од Канада а кој патува кон лунарната орбита.
Мисијата ќе трае околу десет дена, за време на кои посадата ќе ги тестира клучните системи на леталото Орион, вклучувајќи ги и системите за животна поддршка, кои се пресудни за идните мисии. Токму овие тестови го поставуваат темелот за планот на НАСА да се вратат луѓето на Месечината до 2028 година.
Посада која влегува во историјата
Командант на мисијата ќе биде американскиот астронаут Рид Визмен, додека останатиот дел од тимот го сочинуваат Виктор Гловер и Кристина Коч од НАСА, како и Канаѓанецот Џереми Хенсен. НАСА истакнува дека нивното искуство, знаење и професионална позадина ќе имаат клучна улога во успехот на мисијата, која се смета за важен чекор кон идните летови на луѓето кон Марс.
Рид Визмен
Визмен е ветеран на американската морнарица со богато искуство во авијација и тестирачки летови, а првпат во вселената летал во 2014 година. За време на шестмесечна мисија на Меѓународната вселенска станица учествувал во бројни научни експерименти и вселенски прошетки.

Виктор Гловер
Виктор Гловер, исто така морнарички пилот, има повеќе од 3.500 часови лет и учествувал во борбени мисии. Во вселената првпат полетал во 2020 година во рамките на мисијата на Спејс Икс, каде поминал 168 дена во орбита. Артемис II ќе го направи првиот Афроамериканец кој патува во длабокиот вселенски простор.

Кристина Коч
Кристина Коч држи рекорд за најдолг поединечен престој на жена во вселената – цели 328 дена. За тоа време учествувала во бројни експерименти и историски вселенски прошетки изведувани исклучиво од жени.

Џереми Хенсен
Џереми Хенсен, астронаут на Канадската вселенска агенција, првпат ќе летa во вселената токму со оваа мисија, но има богато искуство во воени операции и симулации на екстремни услови. Тој ќе влезе во историјата како првиот Канаѓанец кој ќе патува кон Месечината.



