ФОТО | Оригинален концерт на Дац и Александар во Драмски: Лек за сите грижи

Фото: „Десо“

Росана Сариќ-Тодоровска по долго време ја испеа безвременската „Признавам“, Ѓокица Лукаревски се покажа како фантастичен пејач, Нино Величовски изрецитира песна за сите дами, Трифун Костовски повторно запеа.

Ова е само дел од несекојдневниот и по многу нешта оригинaлeн концерт на Драган Спасов-Дац и Александар Митевски, кој се одржа синоќа во Драмски театар, по повод 8 Март. Концертот беше лек за заборавање на сите грижи. На сцената каде што Дац пораснал, се случуваше едно убаво љубовно патување низ времето, а публиката таа љубов веднаш ја препозна.

Драган Спасов Дац и Александар Митевски/Фото: „Десо“

Ќе ти се погоди некоја од „твоите песни“, па прво само внимателно слушаш, потоа си потпевнуваш, за на крај да станеш и на нозе да ги испратиш творците на овој концерт со погласно пеење и аплауз. Тоа е отприлика наједноставниот одговор што би го дале оние што беа во Драмски сношти, на прашањето како си поминале.

Анастас Тановски / Фото: „Десо“

Вечерта почна романтично, со „Уште ми фалиш“, песната што го одбележа ова дуо, а заврши со истата песна и цела публика на нозе. Специјално изненадување на концертот беше малата Матеа Митровска, внука на покојниот актер Бранко Ѓорчев, која има само три години и одлично го испеа рефренот на „Уште ми фалиш“.

Дац и малечката Матеа / Фото: „Десо“

Дац оригинално водеше низ сценариото.

– Ова е нашата последна песна. Потоа, вие ќе барате бис, ние ќе се вратиме, а журката продолжува во холот, каде што ќе си замезите, ќе се напиете вино, а ние ќе ви се придружиме и пак ќе пееме – најави актерот.

Слушавме различни песни, од „Прва љубав“ на Балашевиќ, „Чија си“ од Славе Димитров, „Лоше вино“ од „Бијело дугме“ – омилените на Дац. Но, и дел од убавите песни на Александар Митевски: „Латино цеде“, „Срце тетовирано“, во која на сцената им се придружи Трифун Костовски, кој јавно запеа по долго време, а звучеа речиси исто како и пред повеќе од 20 години.

Александар Митевски / Фото: „Десо“

Митевски напишал повеќе од 300 песни, повеќето се веќе евергрини, но на инсистирање на композиторот Григор Копров, почнал да пишува песни и за него и за Дац. Приказната на ова шармантно дуо почнува токму со „Цреши охридски“ и второ место на фестивалот „Охридски трубадури“.

– Второ место не се мести – се пошегува Дац, раскажувајќи дека и на „Макфест“ потоа биле исто така втори.

Публиката уживаше и во карактеристичниот хумор што го поседува Дац.

– Јас си се оженив лани. Жена ми ме побара за маж. Потоа се ожени и син ми, а сега станав дедо на внука ми Гаиа. Јас сум дедо Дац – рече актерот гордо.

Росана / Фото: „Десо“

Дац со љубов раскажа дека го знае секое ќоше на неговиот театар, но и дека со Ѓорѓи Тодоровски-Трупче играл на сцената, а сега запеал со неговата сопруга. А, кога Росана ја „викна“ „Признавам“, салата ечеше од аплаузи. Иако, за жал, сега не пее почесто, оваа дама како никогаш да не се симнала од сцената. Силна во вокалот и весела на сцената, Росана пееше и за нејзината сестра близначка, Маријана, која ѝ е силна поддршка од Австралија.

Нино Величковски, вистински господин, прекрасно ја испеа „Бабино девојче“ и рецитираше на кумановски велејќи дека дијалектот е богатство на нашиот јазик.

Драган Спасов-Дац, Нино Величковски и Александар Митевски / Фото: „Десо“

Во чест на Зафир Хаџиманов, актерот Анастас Тановски од Ресен ја испеа „Од љубов не се бега“. Малиот, но голем, како што го претставија актерот Ѓокица Лукаревски се покажа како фантастичен пејач во „Ружо румена“ и „Беле руже“.

Ѓокица Лукаревски / Фото: „Десо“

Концертот го збогати писмото што стаса на сцената по пошта од Венко Андоновски, а Дац ја прочита најоригиналната приказна за 8 Март кога мажот си ја губи банковната картичка, жената ја наоѓа и ја користи на свој начин.

Драган Спасов-Дац / Фото: „Десо“

Бендот и придружните вокали Ана и Сара го направија овој концерт комплетен.

Иако Дац се пошегува неколкупати: „Уживајте во прекрасниот концерт на Александар и Дац“, а Венко Андоновски во своето писмо рече: „Во секоја шега има половина шега“, ова беше чиста вистина.

Уживавме во прекрасен концерт, кој продолжи со коктел и забава со трубачи во холот на Драмски.

Фото: „Десо“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот